Свет

Меркел од Тирана: Не е прифатливо одделни членки на ЕУ да осмислуваат нови услови

Германската канцеларка Ангела Меркел на средбите во Тирана го потврди интересот на Германија за земјите од Западен Балкан.

„Без оглед на исходот од изборите во Германија, кој и да биде нов германски канцелар ќе го задржи интересот за регионот“, рече Меркел, пренесуваат регионалните медиуми.

Со посетата на Тирана, Меркел ја заврши дводневната турнеја низ Западен Балкан, која започна во Белград.

Во главниот град на Албанија, Меркел прво се сретна со Рама, а потоа и со премиерите на другите земји од Западен Балкан, Србија, Црна Гора, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Косово. Сите овие земји се стремат кон членство во Европската Унија, иако, од различни причини, тие се во различни фази на процесот на пристапување, анализираат медиумите.

Во исто време, некои стари членки на ЕУ покажуваат замор во врска со проширувањето на блокот. Меркел ја изрази својата критика за тој став.

Според извештаите на медиумите во регионот, Меркел истакнала : „Ако земјите ги исполнат условите за членство, или за почеток на процесот на пристапување, тогаш ЕУ мора да го исполни ветувањето, не е прифатливо одделни членки да осмислуваат нови услови, бидејќи не сакаат да се занимаваат со внатрешно политичките прашања на новите потенцијални членови“.

Премиерите на Западен Балкан ја пофалија политиката на Меркел за време на нејзиниот мандат, кој треба да заврши по изборите во Бундестагот на 26 септември, на кои таа не е кандидат за канцелар.

Дводневна посета на Меркел на Западен Балкан беше фокусирана на прашања за регионалната соработка. Таа во Белград рече дека е убедена дека Западен Балкан е многу важен за европската политика.

На почеток