За министерот за правда, Бојан Маричиќ системот функционира ефикасно. Тој кажа дека тоа се докажало со случајот на Зоран Милевски-Кичеец, додека пак, за Рашковски кажа дека е нормално по одобрение на судот да оди на лекар. Не одговори дали ќе поднесе оставка, како што побара ВМРО-ДПМНЕ, ниту дали Рашковски смее сам да оди на лекар, без полициска придружба.
„Статусот на сите лица лишени од слобода се регулира меѓу судот и Управата за санции. Директорите на затворите даваат проценки и мислења, судот одлучува за статусот. Во сите овие случаи, присуството и ограничувањето на слободата е гарантирана. Сите имаат одреден статус. Овој кој го споменавте, Зоран Кичеец е веќе на продолжување на издржување на казната затвор во Струга, со одземени сите погодности кои ги имал претходно. Нема да биде повеќе во можност да направи случај како што беше со сообраќајката. По мои инфорамции, над 30 лица имаат таков статус, имаат статус на лице кои се во полуотворено или отворено одделение со работен статус. Системот реагира навремено“, посочи Маричиќ.
Тој смета дека Рашковски оди на лекар како и други затвореници, иако, досега сите затвореници биле носени со полициска асистенција.
„Во однос на Рашковски, ако по одобрение на судот бил на лекар, ние на дневна основа имаме голем број на затвореници кои што одат на лекар и чие што присуство е обезбедено. Не се случило бегство, ниту имало таква опасност. Судот треба да цени и постапува. Јас принципиелно ви кажувам дека притворот не смее да биде казна, туку превентивна мерка. Треба системот ефикасно да ги спречува сите овие лица за кои постојат индиции дека постои опасност да избегаат. Системот покажа дека функционира“, рече Маричиќ.