Борис Трајковски, Киро Глигоров и Никола Кљусев се најпопуларните политичари во изминатите три децении, оцениле испитаниците опфатени со истражувањето на фондацијата „Конрад Аденауер“ и Институтот за општествени истражувања „МК91“, по повод 30 години од независноста на државата.
Од вкупниот број испитаници, 42 отсто дале највисока оценка 5 за поранешниот претседател Борис Трајковски, 33 отсто дале оценка 5 за поранешниот претседател Киро Глигоров и 21,1 отсто дале петка за поранешниот премиер Никола Кљусев.
Според резултатите од истражувањето, 43,1 отсто сметаат дека државата има успешен развој изминатите три децении, што претставува разлика од 6,9 отсто во однос на оние што имаат спротивен став.
Како најпозитивни нешта изминатите три децении испитаниците ги посочуваат стекнувањето на независноста на државата (15 отсто), процесот на интеграција и самата интеграција во ЕУ и во НАТО (6,3 отсто) и напредокот и модернизацијата на земјата (2 отсто).
Негативни нешта, според испитаниците, се криминалот и корупцијата (12,7 отсто), економијата и животниот стандард (7,1 отсто) и политичката нестабилност (3,1 отсто).
– Во овој дел важно е да се укаже дека високи 70 отсто од испитаниците не можат или не знаат да одберат кој настан е најпозитивен во изминатите 30 години, како и 56,8 отсто од испитаниците кои не можат или не знаат да одберат кој настан е најнегативен изминатите три децении – велат од фондацијата „Конрад Аденауер“.
Поддршка за Охридскиот рамковен договор даваат 46,3 отсто од испитаниците, 38,5 отсто го поддржуваат потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, а 41,5 отсто Преспанскиот договор.
Членството во НАТО го поддржуваат 59,8 отсто, а 38 отсто позитивно го оценуваат процесот на евроинтеграција.
Во однос на западните држави-сојузници, највисоки оценки има за Германија (69,5 отсто имаат добро, многу добро или одлично мислење за неа) и за САД (57,4 отсто имаат добро, многу добро или одлично мислење).
Позитивни оценки дибиле и Кина (60,2 отсто имаат добро, многу добро или одлично мислење), Русија (61,6 отсто имаат добро, многу добро или одлично мислење) и Турција (79,5 отсто имаат добро, многу добро или одлично мислење).
За 35,6 отсто од испитаниците, во следните три децении државата ќе се развива подобро, за 22,6 отсто ќе се развива полошо, а за 16,6 отсто државата ќе има сличен развој како и досега.
– Ова значи дека за 13 отсто е поголем бројот на испитаниците кои позитивно гледаат на развојот на државата во следните 30 години, што упатува на заклучокот дека постои изразено ниво на оптимизам кај испитаниците во однос на иднината на Северна Македонија, а причините за тоа треба да се бараат во посилниот државотворен капацитет на граѓаните, како и во нивната приврзаност кон остварената независност на државата – оценуваат од „Конрад Аденауер“.
Истражувањето е спроведено во август и со него се опфатени 1.110 испитаници.