Бесплатен јавен градски превоз за сите пензионери во Скопје секој ден во неделата, бесплатен медицински транспорт за лицата во трето доба и лицата со попреченост до здравствените институции во градот, вети на денешната прес-конференција актуелниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов и кандидат за градоначалник на Град Скопје од СДСМ.
– Лицата со ретки болести кои живеат во Скопје ќе можат исто така бесплатно да го користат јавниот градски превоз. Трошоците за хроничната терапија која ја примаат ги олеснуваме преку финансиско ослободување за јавниот превоз, за нив и за нивната придружба при користење на превозот. На сите постдипломци и докторанди кои студираат во Скопје им овозможуваме бесплатен превоз во градските автобуси. Учениците од државните основни училишта во градот ќе добиваат до 50% поевтин оброк за време на престојот во училиште, рече Шилегов денеска претставувајќи дел од својата предизборна програма.
Тој ветува 100 стипендии во висина од 12.000 денари месечно за најдобрите средношколци од Скопје кои ќе се запишат на некој од државните универзитети, а за секој средношколец од државните училишта, бесплатно овошје за време на училишниот престој.