Актуелно

(ВИДЕО) Урсула фон дер Лејен загрижена за тензиите меѓу Србија и Косово, Заев повика лидерите да седнат на маса

Премиерот Зоран Заев смета дека лидерите на Србија и Косово треба да разговараат на преговарачка маса за да се решат недоразбирањата и тензиите во регионот. Овој одговор на Заев го поздрави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен.

„Останувам приврзаник на секоја форма каде лидерите седат на маса и разговараат за решение. Можеме само да апелираме дека треба да се одвратат сите страни, на ваков начин да се праќаат пораки од регионот. Во тој дух убеден сум дека треба да ги користиме сите можности на разговори, партнерство, билатерални соработки. Повторувам, Берлинскиот процес е нешто најдобро на Западен Балкан. Мене ми е драго што претседателката на комисијата ќе има фокус на Западен Балкан. Секогаш можеме нешто да направиме дома. Ние сме пријател со сите соседи“, рече Заев.

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен е загрижена поради тензиите меѓу двете земји.

„Јас сум загрижена поради тековната криза меѓу Србија и Косово. Важно е сега работите да не ескалираат и да седнат на преговарачка маса. ЕУ има долга историја и е изградена врз дијалог и блиска тесна економска соработка. Кога ја започнавме пред 70 години и по еден страшен дел од нашата историја во втората светска војна, беше потребен многу дијалог и соработка, за раните да се залечат, да се изгради пријателство и врз основа на доверба дојде помирувањето. Потребна е преговарачка маса каде треба да се разговара“, рече Урсула фон дер Лејен

САД, во соработка со ЕУ, НАТО и Белград и Приштина, ќе се обидат да преземат итни чекори за да ја запрат ескалацијата на тензиите на северот од Косово и Метохија, да овозможат понатамошен напредок на дијалогот под покровителство на ЕУ и да спречат негативно влијание врз секојдневниот живот, велат од Стејт департментот, објави „Танјуг“.

На прашањето на „Танјуг“ до Габриел Ескобар, заменик-државен секретар на САД за Европа и Евроазија, дали очекува проблемот да биде решен на претстојната средба во Брисел, од Стејт департментот одговориле дека го поздравуваат доаѓањето на претставници на Белград и Приштина во Брисел и изразија надеж дека претставниците ќе отворат сериозен и директен дијалог со потврда дека Габриел Ескобар исто така ќе биде вклучен во бриселските разговори оваа недела.

„Неодамнешните настани покажаа дека разликите помеѓу Белград и Приштина, доколку не се надминат, негативно ќе влијаат на странските инвестиции и ќе придонесат за понатамошен одлив на мозоци, што ќе ги спречи економиите на Косово и на Србија да го реализираат својот вистински потенцијал, но исто така ќе ја спречи нивната понатамошна интеграција во европските институции“, се вели во одговорот на Стејт департментот.

САД ги повикуваат Белград и Приштина да се вратат на дијалогот со посредство на ЕУ и да ги решат сите спорови без одлагање, вклучително и оние поврзани со енергетиката и другите области, кои влијаат на секојдневниот живот на граѓаните, нагласувајќи дека САД немаат рецепт за решавање на проблемот.

На почеток