Премиерот Зоран Заев беше прашан за став што мисли околу тврдењето на експретседателот Бранко Црвенковски дека договорите со Бугарија и Грција носат само лошо за Македонија. Заев на ова не одговори конкретно, но порача, дека според него, договр куќа гради.
„Јас не сакам да давам став за него. Јас моите ставови ги пренесувам преку новинарите. Договор куќа гради, секој договор може да донесе добро. Секој договор е нешто што е европско, нешто што Европа не учеше 75 години, како низ дијалог поминува процесот за оздравување на трауми од Втората светска војна, градење на секаков вид на соработка и подобар живот на своите народи. Дијалогот, пријателството, подадената рака, разбирањето се начин на решавање на работите. На овој начин ќе и покажеме на ЕУ дека треба да бидеме членка“, рече Заев прашан за став околу тврдењата на Црвенковски дека договорите со Грција и Бугарија носат само лошо.
Вчера, експретседателот Бранко Црвенковски цени дека станавме членка на НАТО, но поради позициите на Бугарија, како што рече, не можеме да ги почнеме преговорите со ЕУ.
„Јас не би ставил знак еднаквост помеѓу преспанскиот договор со Грција и договорот за пријателство и соработка со Бугарија од најмалку една причина. Преспанскиот договор со Грција, кој јас не го сметам за добар, уште помалку за идеален, туку за избор на помалото зло, сепак затвори едно тешко отворено прашање. Договорот со Бугарија не само што не затвори ниту едно прашање туку, напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја, што компромис, едноставно, не е можен. Мантрата што постојано ја слушаме од страна на актуелните политичари во нашата земја е: „Полноправното членство во ЕУ е нашата единствена опција за која не постои алтернатива. Не постои и воопшто не размислуваме за план Б“. Го поставувам прашањето – а што ако не поради нас, не затоа што ние не сакаме или не сме спремни да ги спроведуваме неопходните реформи и да ги исполнуваме неопходните критериуми, туку затоа што самата ЕУ реши да нема понатамошно проширување, на пример, затоа што ваква каква што е со постојните членки е недоволно функционална и ефикасна, дека евентуално нови членки дополнително ќе го усложнат и онака премногу комплицираниот начин на одлучување и креирање заеднички политики? А такви размислувања во рамките на Унијата веќе има. Што во тој случај ќе правиме ние за кои не постои друга алтернатива? Ќе се самоукинеме, ќе се самораспуштиме како држава? Или мора да најдеме алтернатива!“, нагласи Црвенковски.
