Најмногу е вложено во Ѓорче Петров, споредено со последните 20 години. Ова го смета актуелниот градоначалник на општината и кандидат за нов мандат од СДСМ, Александар Наумоски. Тој во дебатата со противкандидатите на „А1он“ и „Макфакс“ кажа дека останала за реализација уште 20 проценти од програмата, за да Ѓорче нема повеќе кал.
Александар Стојкоски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ тврди по неговото доаѓање во општина Ѓорче Петров, доколку победи на изборите, ќе ги реши проблемите на жителите.
„Вака со ‘ќе направиме, ќе направиме’, граѓаните веќе немаат простор за тоа ‘ќе’, да чекаат постојано. Треба на граѓаните да им е јасно дека нема проект за Клиничкиот центар, ниту има идеен проект за него. Никој не знае како ќе изгледа. Ниту еден проект не е нов, сите се наследени проекти и на некој начин поробуваат да ги доработат. Во никој случај јас не би се спротивставил ако се донесе одлука Клинички да се гради во Ѓорче Петров, ниту на тоа што значи развој на општината. Според моите информации, се работи на изнаоѓање на нова локација за Клинички. Околу делот на инвестициите сакам да напоменам, дека без развој на постоечките и дефинирање на нови инфраструктурни зони. Со изградена инфраструктура. На голи полиња многу тешко е да се најдат инвеститори“, рече Стојкоски.
Прва зелена општина да биде Ѓорче Петров е планот на Љупчо Јаневски.
„Ако сакаме велосипед од Влае натаму, ако сакаме маратон до Влае па се враќаат назад, ако сакаме кафе, од Влае натаму. Ајде да работиме за Ѓорче. За се има решение. Мое твое, лево-десно, наше-ваше, доста е. За еден мандат може да се заврши проблемот со депонијата во Ново село“, рече Јаневски.
Сашо Панговски смета дека иста невладина организација ги тренира ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за да победат на избори и затоа во Ѓорче Петров ништо не се решава.
„Не се проблем парите. Проблем е коалицијата на Мицкоски и Заев, што ја јадат кобасицата на маса, најверојатно печена на тие контејнерите, пред црквата во Ѓорче. Како што гледате ова се среќни луѓе“, рече Панговски од ТМРО.
Според Александар Димитријевиќ од Левица, Ѓорче е најдобрата општина која може некој градоначалник да ја добие за работа.
„Ние не сме против градење, туку да има планско. Да видиме кој дел од Ѓорче како може да се развива. Многу поважно е точка еден од програмата да се замени со точка два. А точка еден да биде освестување на граѓаните во Ѓорче, кои ќе имаат верба во општината, кои ќе имаат надеж дека во Ѓорче може да владее правото. Како ќе носиме инвеститори кога администрацијата е на најниското ниво од сите општини“, рече Димитријевиќ од „Левица“.
