Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, информира дека во гласачкото место во ОУ„ Лазо Ангеловски“ во Скопје К.Ж.(22) од Скопје го нарушил јавниот ред и мир, со тоа што навредувал граѓани и физички нападнал полицајци. Тој е приведен во полициската станица во Аеродром.
Пријавен бил и случај од страна на старец од Зубовце, Гостивар, кој пријавил дека бил навредуван во врска со референдумот од страна на 64-годишна жена. Таа е повикана во полициска станица и МВР информира дека се работи на расчистување на случајот.
Според Ангеловски, во Струга од зграда во близина на избирачко место во ОУ„Браќа Миладиновци“ пријавено е фотографирање со мобилен телефон од тераса од страна на неколку лица. Веднаш се преземени мерки, лицата биле однесени во полициската станица во Струга и се работи на расчистување на случајот.
„На гласачко место во ОУ ‘Ванчо Прке’ во Штип, Б.О. од Штип пријавил дека при достава на храна во избирачки одбор, бил фотографиран и навредуван од Е.С. од Штип. Тој е приведен во полициска станица и се работи на расчистување на случајот“, информира Ангеловски.
МВР ги повикува граѓаните да ги почитуваат законите и да се воздржуваат од какви било нарушувања на јавниот ред и мир и на тајноста на гласањето. Какво било однесување спротивно на законите МВР нема да толерира и ќе постапи согласно со законите со цел граѓаните непречено и мирно да го искористат своето уставно право.
