480 милиони евра повеќе во буџетот на ЕУ за 2022 година
Европскиот парламент со 550 гласови „за“, 77 „против“ и 62 „воздржани“ го усвоија општиот буџет на Европска Унија за 2022 година. Како приоритети на буџетот се наведени надминување на климатската и здравствената криза и мерки за младите.
– Презедовме неколку обврски за приспособување на буџетот за поддршка на економијата, регионите и граѓаните. Целта беше јасна, потребен ни е силен буџет за закрепнување за првата година, кога ќе имаме дополнителни средства од програмата за реконструкција, истакна известувачот на ЕП, Карло Реслер (ХДЗ, ЕПП).
За здравствените програми, истражувањата, борбата против климатските промени, малите и средни претпријатија и младите, европратениците успеаја да обезбедат 479,1 милиони евра повеќе како поддршка од предлогот на ЕК. Договорени се обврски од 169,5 милијарди евра и исплати од 170,6 милијарди евра.
Споредено со предлогот на ЕК од јули буџетот е зголемен за 480 милиони евра.
Европскиот комесар за буџет и човечки ресурси Јоханес Хан постигнатиот договор помеѓу Советот и Парламентот за буџетот го оцени како европски потег.
– Првпат имаме повеќе средства за плаќања отколку за обврски, истакна Хан.
Додека словенечката министерка за надворешни работи Анже Логар во име на Советот на ЕУ наведе дека „позитивниот исход од преговорите покажува дека институциите добро соработуваат во одговорот на современите грижи“.