Со протест ќе се бара стопирање на градбата карши „Холидеј ин“


Протест со наслов „Стоп за висококатници во центарот на Скопје“ ќе се одржи пред Јавно обвинителство на Република Македонија, организиран од „Зелен хуман град“. Тие велат дека ако се дозволи оваа изградба на висококатниците карши „Холидеј ин“, уште повеќе ќе се спречи струењето на воздухот што ќе резултира со уште поголемо негово загадување и дополнително ќе се влоши квалитетот на живот во центарот на Скопје. Потсетуваат и дека 3.500 лица годишно умираат од загаден воздух.
Протестот ќе се одржи во петок.
„Центарот ќе биде парализиран од сообраќаен метеж и луѓето што живеат и работат во близина нема да може да ги извршуваат секојдневните обврски! Барамe:
1. Запирање на градежните активности поради сомнеж за корупција и злоупотреби на службената должност ВЕДНАШ!
2. Јавното обвинителство најитно да се произнесе по иницијативата од Државната комисија за спречување на корупцијата.
3. Владата да одвои средства од централниот буџет доколку О. Центар нема доволно за новомаалци да добијат решение и излез од нехуманите услови во кои живеат.
4. Советот на Општина Центар најитно да го изгласа елаборатот за суспензија за натамошно спроведување на овој ДУП.
5. Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам најитно да спроведе надзор врз основа на претставката поднесена од ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД.
6. За локацијата да се распише меѓународен конкурс со кој ќе се гарантира зелено и хумано решение“, стои во објавата.
