Ставревски по пауза од пет години се врати во ВМРО-ДПМНЕ и доби функција
Поранешниот министер за финансии во владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски, Зоран Ставрески, по подолго време се врати во работните тела на ВМРО-ДПМНЕ. Како што соопштија синоќа од партијата формирале работно тело за следење на реализацијата на проектите на градоначалниците кои ги ветиле пред граѓаните.
„Во насока на доследно спроведување на проектите ветени пред граѓаните кои добија апсолутна поддршка на последните избори, ВМРО-ДПМНЕ пристапи кон формирање на работно тело во рамките на партијата кое ќе ја следи реализацијата на истите. Во програмите ‘Гарантираме’ се опфатени точно 14.835 проекти од различни сфери и области, решенија за реалните проблеми на народот. Со овие програми се предвидуваат 2.000 улици низ цела држава. Градба или реконструкција на 100 градинки, 150 училишта. Инвестиции во животната средина и градба на нови 150 паркови. Инвестиции во 60 објекти на културата, 90 спортски сали за младите. Гасификација за понапредни општини и многу други конкретни дела. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски соопшти пред градоначалниците дека овие проекти мора да имаат соодветен план и динамика за развој при што работното тело ќе биде од помош при овозможувањето на совети и размена на знаења при нивното имплементирање. Во работното тело кое ќе биде раководено од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе бидат и Зоран Ставревски и Оливер Шамбевски“, соопштија од партијата по синоќешната средба на Мицкоски со градоначалниците во седиштето на партијата.