Новото мнозинство ги испорачуваме бидејќи граѓаните го бараа, смета Заев и прати порака до ЕУ и Бугарија
Премиерот Зоран Заев упати порака до Европската Унија и до Бугарија, дека во Македонија и стабилно мнозинство, а постои расположение да се надмине проблемот со разбирање и почитување, бидејќи Македонците и Бугарите се братски народи. Тој вели дека европеизација е определбата, а стабилната влада ќе го држи енергетскиот систем стабилен.
„Новото мнозинство е одговор на граѓаните кои бараа стабилност. Тие бараа ние испорачуваме. Тоа е одговор на потребите на државата и предизвиците кои ни се исправени како општество. Се здруживме околу заедничката определба дека сега е најважно функционирањето на институциите до полн капацитет. Тоа е важно во време на сериозни предизвици дома и на глобален план. Имаме мнозинство кое ќе работи на решенија за предизвиците, како што се почетокот на преговорите за членство во ЕУ, решавање на проблемот со Бугарија, глобалната енергетска криза и кризата од ковид-19. Едногласни сме дека потребна е Влада која испорачува резултати во интерес на граѓаните“, кажа Заев.
Тој посочи дека не се потребни нови вонредни парламентарни избори, бидејќи ќе има нова криза и закочување на европските интеграции.
„На нашата татковина и треба мирен и стабилен период. Затоа постигнавме договор со Алтернатива за коалиција која ќе трае до 2024 година. Нема стабилност со вонредни избори. Дел од овој договор е дека Алтернатива ќе преземе одговорности“, додаде Заев.