Државната изборна комисија на прес конференцијата одржана во 15:30 информираше дека излезноста до 15 часот е 22,56, односно гласале околу 334 илјади граѓани.
Просекот на излезност е од 90% од гласачките места.
Државната изборна комисија (ДИК) апелираше до сите изборни органи, вклучени во процесот на организација и спроведување на референдумот, својата работа да ја извршуваат професионално и одговорно, во согласност со законските процедури.
Акредитираните набљудувачи при вршењето на набљудувањето, како што потенцираа од ДИК, се должни да се придржуваат на правилата и процедурите од Кодексот за набљудување на Референдумот 2018 и доследно да ги применат законските прописи кои произлегуваат од Кодексот.
Набљудувачите се должни да ги познаваат и почитуваат одредбите на Изборниот законик, Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните и Кодексот за набљудување на референдумот и да се придржуваат кон одредбите со кои се уредува постапката за спроведување на референдумот, да се непристрасни во извршувањето на своите должности при што не смеат да изразат пристрасност кон изборните органи, да носат на видно место овластување – беџ издаден од ДИК, како и лична исправа и своите заклучоци треба да ги засноваат на документирани и во потврдени факти.
Од ДИК, исто така, потенцираат дека акредитираните набљудувачи при спроведување на процедурата за референдумот не смеат да влијаат на кој било начин во постапката на денот на изјаснувањето на референдумот, како и во постапката при броење на гласовите, не смеат да носат партиски симболи и ознаки, да им даваат упатства на гласачите, изборните органи, овластените претставници и овластените службени лица и да влијаат на работата и одлуките на изборните органи.
Според најновите податоци од ДИК, највисок одѕив има во општините Сарај 36,57 проценти, Центар – 34,51 отсто, Карпош – 32,24 проценти, Липково – 30,42 отсто.
Најнизок одѕив има во Ново село 9,97 отсто, Илинден – 10,49 проценти и Босилово – 11,44 отсто.
Најголем дел од пријавите, како што рече претседателот на ДИК, се однесуваат на лица на кои им истекла важноста на личните карти или некои во меѓувреме станале полнолетни и извадиле нови лични карти, поради што, системот ги нема евидентирано и неможат да гласаат. Дерковски рече дека овие пријави се одбиени, бидејќи системот е затворен и нема рок за да може да се интервенира.
Тој им се заблагодари на граганите за демократскиот пристап и почитување на законите при изразувањето на нивното гласачко право, но и на институциите во справувањето со малите инциденти за време на гласачкиот ден. Им порача на оние кои го нарушуваат редот и мирот, дека за нив ќе следат санкции.