МВР сѐ уште официјално не ги објави причините за вчерашниот инцидент во општина Чаир, кога три лица пукаа во економскиот директор на Гинекологија, Ваљон Беља, но според некои медиуми се работи за расправија меѓу него и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.
Како што објави ТВ21, Ваљон Беља му се јавил на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу и побарал да остварат средба во Топанско поле, кај маркетот Принц.
Наводно, економскиот директор на Клиниката за Гинекологија, сакал да го праша градоначалникот зошто му била стопирана платата која што ја примал од општината. По ова, градоначалникот повикал на помош други луѓе, по што настанала тепачка која завршила со пукање.
Од МВР потврдија дека на ул. „Лазо Трповски“ било пукано во В.Б. (40) од Скопје во пределот на десната подколеница.
Во него пукало лице кое било заедно со Е.Х., Е.А. и Р.Н..
В.Б е пренесен во ГОБ Св.Наум Охридски и опрериран.
Беља беше член на невладината организација Реалитети, а во 2010 година ја основаше партијата Албански сојуз. Партијата подоцна се припои кон ДПА на Мендух Тачи, каде Беља беше потпретседател. Набрзо избија несогласувања помеѓу него и Тачи и лидерот на ДПА го исклучи од партијата. Беља пак бараше смена на Тачи од лидерската позиција.
Беља по ова премина во владејачката ДУИ. Во јавноста остана запаметен настанот кога во 2016 година, Беља преку закана со куршум во салфетка, кој го остави во канцеларијата на тогашниот градоначалник на Чаир Изет Меџити, бараше за себе подобра функција.
Општина Чаир тогаш го пријави инцидентот во МВР, но до денеска тој нема разрешница.
Во времето кога беше потпретседател на Демократската партија на Албанците, Ваљон Беља, физички го нападна пратеникот на ДПА, Беким Фазлиу на закажаната прес-конференција од ДПА, во Скопје.
Неколку минути пред прес-конференцијата, Беља огорчен што Фазлиу се подготвува за прес-конференција, неповикан дошол пред просториите на партијата во Скопје.
Тој почнал да вика „предавник, што има да зборуваш сега тука “, „ми работиш зад грб, а јас те направив претседател“.
„Беља му се приближи на Фазлиу и замавна накај него, па му удри шлаканица, што дополнително ја отежна ситуацијата, а други членови на партијата кои беа на местото на настанот се обидоа да ги разделат. Беља продолжи со гневното викање, но Беким Фазлиу и членовите на ДПА кои дојдоа да одржат прес-конференција, влегоа во автомобилот и заминаа“ информираа тогаш медиумите.
Инаку, оваа Влада ветуваше дека повеќе нема да има економски директори на клиниките, затоа што не се исплатливи и немаат добри резултати, но до денес ништо не е променето.
извор: ако.мк