На официјалната страна на охридскиот Завод и Музеј на Facebook, најпопуларната социјална мрежа на светот, попладнево осамна непримерена објава, објави Супер радио.
– Честитки на МНК на ИКОМ (кој, патем, прерасна во ИКОШ-тоа Ш-то за Штогоде) за 25 годишниот јубилеј. Огромна благодарност на вниманието, што се сетивте на нас, кои сме продолжувачи на најстарата музејска установа во Европа, од 1516 година и на придонесот на нашата институција во работата и развојот на ВАШЕТО здружение. Кого го нема и без него се може, нели? Важно вечните Куртовци и Муртовци се сите на број. Кој прочита, прочита, кој разбра, разбра!!! – стои во објавата.
Супер радио и OhridPres побараа став за истото од Завод и Музеј од Охрид, но до овој момент не добивме информација дали се работи за хакиран профил, или навистина се работи за став на куќата.
Од друга страна пак, експресно стигна одговорот од другата засегната страна. Од Здружението Македонски национален комитет при Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ) со став дека „не им се верува дека некој од институција би комуницирал на ваков начин“.
– Патем, од таа институција имаме 3 нови членови во последниве годиниве кои се редовни и ја поддржуваат нашата работа. И не само од Охрид, туку од цела Македонија, истакнаа за Супер радио од МНК ИКОМ.
Додаваат дека „овој начин на комуникација е навистина под секое ниво“.
МНК ИКОМ е невладина организација на музеи и музејски професионалци од целиот свет кои се грижат за културното и за природното наследство.
извор: Супер радио