Министерството за информатичко општество и администрација, денеска го промовираше новиот портал за отворени податоци. На јавната расправа за придобивките од зголемувањето на транспарентноста на институциите се обратија министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, амбасадорката на Велика Британија, Н.Е. Рејчел Галовеј, министерот задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски, Неда Малеска од Центар за управување со промени и Љупчо Вангелски од МАСИТ.
Амбасадорката Галовеј, презентирајќи свои лични искуства од користењето на отворените податоци во Велика Британија, зборуваше за важноста од овој процес и можностите кои произлегуваат по отворањето на податоците.
„Кога една влада објавува поголем дел од податоците што ги поседува, покажува дека не ги крие од граѓаните. Објавувањето на податоците е предуслов за да имаме Влада до којашто граѓаните имаат лесен пристап и од којашто добиваат поквалитетни услуги. Кога граѓаните на едно место можат да најдат информации за училиштата каде да што сакаат да ги запишат своите деца и како тие училишта котираат, или пак податоци за здравствените работници и цената на услугата којашто тие ја нудат, тогаш граѓаните имаат подобри информации за тоа како се трошат нивните пари и како системот може да испорача подобри резултати за нив. Преку овој пристап се промовира култура на отвореност каде граѓаните се активно вклучени и се води сметка за нив. На овој начин граѓаните ги перципираат владите како ефективни“, истакна амбасадорката Галовеј.
Министерот Поповски се осврна на заложбите на Владата за зголемување на отвореноста и транспарентноста на сите институции.
„За прв пат во политичката историја на Република Македонија, Владата , самоиницијативно, го стави своето работење на увид на граѓаните. Јавноста за прв пат има можност да го следи и анализира трошењето на средствата на граѓаните од страна на владините функционери. Но, тоа беше само еден сегмент. Со системското и организирано отворањето на податоците Владата на Република Македонија има за цел да ја зголеми внатрешната ефикасност на државните институции, и да овозможи создавање на нови услуги, ресурси за анализи, за подготвување на извештаи, за креирање иницијативи и други активности кои можат да ги инспирираат отворените податоци. Проактивното објавување на податоци ќе ги намали барањата и ќе го олесни пристапот до информации од јавен карактер. Концептот на отворени податоци е цел што инспирира, цел што не приближува кон општествата засновани на знаење, на отворени ресурси достапни за сите, во интерес и за доброто на заедниците“, рече министерот Поповски.
Во моментов на порталот за отворени податоци се објавени 111 податочни сетови, од 42 институции. Министерот Манчевски ги претстави техничките можности што ги нуди порталот, како и дел од податоците кои веќе се објавени.
“Преку порталот за отворени податоци сакаме да ја подобриме испораката на услуги и ефикасноста на јавниот сектор. Тој исто така овозможува да се зголеми учеството на граѓаните при креирањето на политики и при анализа на испорачаните резултати. Со еден збор, преку порталот за отворени податоци ја носиме транспарентноста и отвореноста на институциите на едно повисоко ниво. Отворањето на податоците директно и позитивно ќе помогне и во напорите за борба против корупцијата. Исто така, со малку иновативност, дава можност за отворање и на нови бизниси“, посочи министерот Манчевски. Како што информираше тој, дел од податоците достапни на порталот се објавуваа за прв пат, дел се и претходно објавени, но сега се достапни на едно место, систематизирани и во формат којшто е лесно разбирлив, но остава и простор за понатамошна анализа и дополнително користење.
“Порталот за отворени податоци е жива материја и постојано ќе се зголемува бројот на институции и бројот на податоци. Тоа ќе биде процес кој никогаш нема да заврши. Тоа ќе значи и дополнителен притисок од јавноста за поголема транспарентност и отворање на податоците. Тоа е здраво, ќе ги мобилизира институциите, ќе ја крене свесноста за важноста од транспарентноста кај сите институции и на крајот ќе ја направи власта подобра. Во тој дел, сакам да потенцирам дека и секој од вас само со едноставна регистрација може да дава забелешки, коментари, и што е најважно може да бара да се објават податоци кои до тогаш нема да се објавени. Оваа можност за интеракција овозможува сите да бидат дел од овој процес и заедно да го правиме овој портал алатка од која секој ќе може да има корист“, заклучи министерот Манчевски.
Во своето обраќање Неда Малеска, од ЦУП, ја потенцираше локалната димензија на порталот за отворени податоци, како и придобивките за граѓанските организации.
„Покрај зголемувањето на транспарентноста, со порталот за отворени податоци се зголемува и знаењето. Тоа е од особена важност при развој на нови бизниси, но и при анализите на граѓанските организации. На овој начин се зголемува и притисокот врз работата на институциите и со тоа се креираат и подобри политики. Податоците кои ги создаваат локалните заедници и нивното објавување ќе придонесат и кон зголемување на локалниот развој“, рече Малеска, споделувајќи искуства и од Велика Британија, но и од општините во Македонија.
Една од главните придобивки од отворените податоци е отворањето на нови бизниси и развој на претприемништвото. За овие аспекти од процесот, зборување Љупчо Вангелски од МАСИТ.
„Новите технологии и податоци го менуваат секојдневното живеење. Тие се основа на развојот. Тука сакам да потенцирам дека начинот на којшто се објавени податоците е многу важен и овозможува понатамошна обработка. Исто така, ажурирањето на податоците за нас како бизниси е многу важно. Порталот за отворени податоци остава голем простор за развој на нови бизниси и тоа ќе го постигнеме со заедничка соработка во наредниот период“, истакна Вангелски.
Стратегијата и порталот за отворени податоци се изработени во рамки на проектот „Поддршка на процесот на реформи на јавната администрација“ имплементиран од Центарот за управување, финансиран од Владата на Обединето Кралство, со поддршка на Британската амбасада Скопје.