На сите луѓе им треба материјална сигурност, но морално кредо за секој политичар треба да бидат идеите за подобра држава, а не личните привилегии, вели поранешната пратеничка Ѓулистана Марковска, за Дојче Веле.
На стивнуваат реакциите по идејата за која ниедна партија засега не признава „авторство“, а според која, на пратениците по крајот на мандатот треба да им биде загарантирана државна работа.
Претседателот на парламентот, Талат Џафери, одби да ја коментира идејата, сѐ додека не види конкретен предлог. Но, во неформален разговор со новинарите наведе дека во некои земји постпратеничкиот статус е регулиран со закон. Неговата забелешка дека „не може некој да биде пратеник четири години, а потоа да брка по контејнери“, дополнително ја вжешти дебатата во јавноста. Околу таквата можна привилегија на пратениците, разговаравме со пратеничката од првиот парламентарен состав, Ѓулистана Марковска. Таа има повеќе забелешки за таа идеја – од морален, од професионален и од законски аспект:
„Апсолутно е неприфатливо пратениците како ‘глас на народот’ да бараат лични привилегии за вработување во државната администрација по завршувањето на мандатот. Самиот нивен избор за пратеници подразбира профил на личности со углед и успешна професионална кариера, поради која и биле изгласани. Идејата за евентуален таков предлог-закон најпрвин е срамна и за самите пратеници, а го урива и угледот на институцијата Собрание на Република Македонија. Второ и поважно, тоа би значело пренатрупување на, и онака зголемената и неефикасна администрација, која трпи критики дека не е во служба на граѓаните и со сегашниот состав, и дека е строго партизирана, огромна и неефикасна.“
ДВ: Што би значело тоа за еднаквоста пред законот на пратениците од претходните собраниски состави, но и на сите граѓани кои немаат никакви привилегии од ваков тип?
Марковска: Што се однесува до претходните собраниски состави, нормално е дека кај одредени лица ќе предизвика незадоволство или барање на истите привилегии, што не е добро ниту како практика ниту како вредносен систем за идните генерации. Тоа дефинитивно се коси со Уставот, според кој, сите граѓани се еднакви пред законот, што значи дека таа идеја е крајно проблематична и од законски аспект. Ова ме потсетува на еден многу лош период од претходното владеење, кога на одредена категорија луѓе наградно на лотарија им се гарантираше и даде вработување во Јавното претпријатие „Македонски шуми“. Тоа беше трагикомична ситуација и постапка, која сама за себе доволно зборува, за жал, за нашата администрација и начинот на кој таа „тежнее“ да се изедначи со европските вредности.
Не е ли доволен периодот на апанажа, за да се снајдат на пазарот на труд оние кои на пратеничката функција можеби дошле без никаково работно искуство? Особено, што и периодот на апанажа кај граѓаните предизвикува критики, со став дека тој треба да се скрати или укине.
Сегашниот период на апанажа од една година е доволен одредени пратеници или да се вратат на старите работни места, или отворат свој бизнис. Околу времетраењето на апанажата сметам дека три месеци се премалку, шест би биле доволни, а таа сега трае 12 месеци, што е дури и премногу.
Извор: Дојче Веле
