Македонија

(ВИДЕО) Заев најави дека до крајот на 2019 година треба да биде отворен граничниот премин Клепало

Премиерот Заев најави дека очекува до крајот на 2019 година да биде отворен граничниот премин Клепало, за што рече дека е радосна вест за граѓаните на Берово, Делчево, Штип и пошироко во источниот регион, со оглед дека беше најавен за крајот на 2020 година.

„Македонија ги има обезбедено сите финансиски средства и верувам дека до крајот на 2019 година, ќе имаме можност да го пуштиме преминот во употреба“, рече премиерот Заев.

Тој оцени дека граничниот премин Клепало е одраз на пријателството и Договорот со Бугарија и дека е од огромно значење и за граѓаните на Македонија и за граѓаните на Бугарија. Соопшти дека постои подготвеност за реализација и од бугарска страна. Дека се работи на заокружување на изведбата на инфраструктурата од двете страни.

– Планираме да направиме и one-stop-shop, за побрз проток на стоки. Коридорот 8 ни е многу важен. Очекуваме економски перспективи на овој регион и од македонска и од бугарска страна, рече премиерот Заев.

Тој посочи дека отворањето на граничниот премин за граѓаните од овој дел од Македонија, ќе значи нови фабрики и можности за поголем пласман на земјоделските производи, како и развој на туризмот, за што е заинтересирана и Бугарија.
Премиерот Заев најави дека дополнително се работи и на комплетирање документација за уште една гасоводна линија, дека олеснувањата со роамингот меѓу двете земји се во завршна фаза, дека се работи на набавка на електрична енергија за двете земји, како и на нови гранични премини меѓу Македонија и Бугарија и Македонија и Грција.

„Мислиме дека брзо ќе бидеме членка на ЕУ, треба да отвориме инфраструктурни перспективи на граѓаните, тоа ќе значи и повеќе пари и споделување култура и традиција, а тоа ќе значи и европеизација на Македонија“, рече премиерот Заев.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток