Мицкоски за фондацијата на Заев: Имате политичари кои влегуваат како голтари во политиката, а излегуваат како милионери
Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, обвини дека политичари земаат заеми на име на Македонија за да крадат. Тој посочи: „Го полнат буџетот за да крадат. Имате политичари кои влегуваат како голтари во политиката, а излегуваат како милионери. Отвораат фондации и така натака“.
„Покрај криминалот и корупцијата, парите и провизиите немаат боја. И тогаш и колнењето – престанува“, додаде Мицкоски.
Според него, народот не ја сака Владата.
„Малкумина околу власта, мршојадци, кои живеат на товар на народот имаат еден паралелен свет од оној вистинскиот, а тоа е оној кој го живее народот. А тоа е тежок живот, ниски плати, низок стандард, една депересија која го има зафатено општеството, бизнис заедница која е сериозно начната со ова што се случува и многу проблеми. Едноцифрен е бројот на оние кои мислат дека државата оди во вистинска насока“, кажа Мицкоски.
Поранешниот премиер Зоран Заев, заедно со ексминистерот заздравство Венко Филипче беа дел од Форумот за дипломатија кој викендов се одржа во Анталија. Тогаш од извори на кабинетот на поранешниот премиер објавено дека Заев работи на формирање на фондација „Едно општество за сите“, и дека на Форумот за дипломатија во Турција била искористена можноста за меѓународна промоција на ваквата идеја, но и опипување на меѓународниот импулс по ова прашање.