Уште четири фази за „Борба за Влае“
Првата фаза од борбата за Влае заврши денес во 15:30. Граѓаните го кажаа своето, покрај сите опструкции и нејаснотии во процесот. Набрзо ќе објавиме што предлагаме следно да правиме ние жителите, информираат од граѓанската иницијатива „Борба за Влае“.
„Им благодариме на сите за поддршката.
Од сограѓани, до медиуми, дизајнери, текстописци, Советници, локални бизниси и индивидуи кои печатеа анкетни листови, па и на крај и на оние кои агитираа во месната заедница и од врата на врата против борбата бидејќи, да не беа тие, граѓаните немаше да бидат мотивирани да проверат што е #БорбаЗаВлае и да искочат да поднесат анкетни листови (ова го знаеме од искази во приватни пораки)
2. Во следната фаза топката е во теренот на Општина Карпош и Стручната Комисија составена од 3 лица; претставник од Општината, претставник од Билд Урбан како изработувач на планот и надворешно стручно лице, која се надеваме ќе го покаже својот личен и стручен интегритет. Најпрвин се надеваме дека ќе ги послушаат граѓаните и ќе ги тргнат спорните објекти и други спорни моменти од ДУПот и со тоа ќе се отвори можноста граѓаните да инвестираат во своите имоти, нешто што Општината е свесна дека е потребно и често го користи како аргумент против „кочење на ДУПот“. А ако нешто видовме деновиве е дека и самите граѓани радо би се бореле против овој ДУП ако тоа значи дека до нивните домови ќе никнат нови згради на јавно земјиште и игралишта, што ќе им ја намали вредноста на имотот.
3. Во третата фаза топката ќе биде кај Град Скопје и Министерството за транспорт и врски кои треба да издадат мислење по предлог ДУП-от. Без „пас“ од нив, планот не може да продолжи на Совет!
4. А во четвртата фаза топката ќе биде кај Советниците.
Тие се претпоследната линија на одбрана.
До сега поддршка искажаа советниците на Независни, Левица и СДСМ, а дополнително и партиски членови на ВМРО.
Ако Општината ги остави контроверзните објекти во предлог ДУПот, очекуваме советниците да гласаат против негово донесување, се додека не ги отстрани.
5. И на крај, како последна линија од која ја очекуваме правдата, останува на институциите да истражат дали овој процес се водеше законски, дали парцелите се денационализирале прописно и дали ДУПот може да се донесе или треба да се врати на преработка.
До тогаш се заблагодаруваме на СИТЕ кои се бореа со нас.
#БорбаЗаВлае продолжува.
Сега заврши само првата фаза од нашиот отпор“, стои во објавата.