Комисијата откри: „Дупка“ од седум часа на денот кога се случи смртоносниот упад во Капитол
Податоците на Белата куќа содржат „дупка“ од над седум часа во белешките за официјалните телефонски разговори, кои поранешниот претседател Доналд Трамп ги имал на 6 јануари 2021 година.
Станува збор за денот кога се случи смртоносниот упад во Капитол.
Записите доставени до Комисијата на Претставничкиот дом за истражување на нападот покажуваат дека Трамп не водел телефонски разговори во периодот од 11.17 до 18.54 часот, во времето кога неговите поддржувачи упаднале во Конгресот.
Податоците од 11 страници доставени до членовите на комисијата покажуваат дека Трамп телефонски разговарал со најмалку осум лица пред таа пауза, а потоа со 11 лица, објавија во вторникот „Вашингтон пост“ и ТВ мрежата CBS.
Досегашните бројни јавни извештаи ги спомнуваат разговорите на Трамп со неговите соработници и членови на Конгресот на 6 јануари, поради што комисијата истражува дали тој водел комуникација преку неофицијални канали во текот на денот, се вели во медиумски извештај во кој се цитираат изјави на две лица испратени до Конгресот, пренесува Гласот на Америка.
„Њујорк тајмс“ денеска објави дека истражителите на Конгресот, заедно со федералните обвинители, се концентрираат на твитот на Трамп од 19 декември 2020 година, во кој тој ги повика поддржувачите да одат во Вашингтон на 6 јануари, наведувајќи дека „ќе биде лудо“.
Комисијата на Претставничкиот дом во понеделникот едногласно гласаше за поднесување обвинение за непочитување на Конгресот против Питер Наваро, поранешен трговски советник на Трамп, и Даниел Скавин, кој беше заменик-шеф на кабинетот на Трамп.