ЕУ: Руската влада е одговорна за масакрот во Украина
Европската унија ги смета руските власти одговорни за злосторствата во украинските градови бидејќи тие имаа целосна контрола врз сега ослободената област и работата на нови санкции е во тек, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.
„Сторителите на воени злосторства и други сериозни прекршувања, како и одговорните владини претставници и воените лидери ќе одговараат. Руските власти се одговорни за овие злосторства, извршени додека имаа целосна контрола врз областа. Европската унија ги поддржува сите мерки за да се обезбеди одговорност на руските вооружени сили за кршење на човековите права и меѓународното хуманитарно право во Украина“, се вели во писмената изјава објавена од Борел во име на Европската унија.
Во соопштението најостро се осудуваат злосторствата извршени од руските вооружени сили во неколку окупирани украински градови кои сега се ослободени.
„Вознемирувачките слики од голем број убиени цивили, како и уништувањето на инфраструктурата го покажуваат вистинското лице на бруталната агресија на Русија против Украина и нејзиниот народ. Масакрите во Буча и другите украински градови ќе бидат на списокот на злосторства извршени на европска почва“, се вели во соопштението.
Борел посочува дека ЕУ целосно ја поддржува истрагата за воени злосторства и злосторства против човештвото што ја започна обвинителот на Меѓународниот кривичен суд и работата на Меѓународната истражна комисија и дека му помага на украинскиот јавен обвинител и граѓанското општество во собирањето и зачувувањето докази за воени злосторства.
„Ние сме во целосна солидарност со Украина и нејзиниот народ во ова мрачно време за целиот свет. ЕУ ќе продолжи силно да ја поддржува Украина и итно ќе започне да работи на дополнителни санкции против Русија“, рече Борел во изјавата во име на ЕУ. .