Свет

Русија: САД пред да ги осуди другите земји за кршење на човековите права, треба да се посвети на решавање на сопствените проблеми

Амбасадорот на Русија во САД оцени, по повод извештајот на Стејт департментот за човековите права во светот, дека САД се обидуваат да го „оцрнат политичкиот систем на непожелните земји“.

Анатолиј Антонов посочи дека Вашингтон пред да ги осуди другите земји за кршење на човековите права и слободи треба да се посвети на решавање на сопствените проблеми.

Според него, расизмот, антисемитизмот, исламофобијата и другите форми на нетолеранција се во пораст во САД, а невидената русофобија продолжува, пренесува РИА Новости.

„Очигледно е дека пропагандните дела на Стејт департментот се насочени кон оцрнување на политичкиот систем на непожелните земји и создавање изговори за мешање во нивните внатрешни работи“, се вели во соопштението на рускиот амбасадор во САД.

Антонов укажа и на нехуманата политика на американските власти кон имигрантите и дека Вашингтон ги прикрива случаите на тортура и нехуман третман на затворениците во специјалниот затвор Гвантанамо.

Американскиот Стејт департмент вчера го објави Извештајот за човекови права за 2021 година. Овој документ вклучува проценка на состојбата на меѓународно признатите индивидуални, граѓански, политички и работнички права, утврдени во Универзалната декларација за човекови права и други меѓународни договори.

Стејт департментот во вчерашниот извештај повторно ги обвини руските власти за кршење на човековите права, пренесува РИА Новости. Русија категорично ги отфрла овие тврдења.

На почеток