Свет

Британски извештај: Русите не владеат со небото

Британското Министерство за одбрана објави нов разузнавачки извештај за ситуацијата во Украина. Утрово нивниот фокус е на воздушниот простор. Така Британците тврдат дека Русите никогаш не успеале да го заземат воздушниот простор.

„Украина ја задржува контролата врз поголемиот дел од нејзиниот воздушен простор. Русија не успеа ефикасно да ги уништи украинските воздушни сили или да ја потисне украинската воздушна одбрана. Украина продолжува да ги држи во опасност руските воздушни сили“, напишаа Британците.

„Руската воздушна активност првенствено е насочена кон јужна и источна Украина, со што обезбедува поддршка за руските копнени сили. Русија има многу ограничен воздушен пристап до северна и западна Украина, ограничувајќи ги офанзивните дејства на длабоки напади“, велат тие.

Тие додаваат дека Русија продолжува да ја таргетира украинската воена и логистичка инфраструктура низ целата земја.

„Повеќето руски воздушни напади во Мариупол најверојатно ќе бидат извршени со неводени бомби кои паѓаат во слободен пад. Ова оружје ја намалува способноста на Русија да пука ефективно за време на нападите и го зголемува ризикот од цивилни жртви“, додаваат тие.

На почеток