Воената хунта ја осуди поранешната лидерка на Мјанмар на пет години затвор
Судот под контрола на воената хунта во Мјанмар во средата ја осуди соборената лидерка Аунг Сан Су Чи на пет години затвор, соопштија извори запознаени со судењето.
Ова е прва пресуда во 11 случаи на корупција со кои таа се соочува според законот за антикорупција. Секое од обвиненијата предвидува можна казна од најмногу 15 години затвор.
Су Чи (76) беше осудена за наводно земање мито од 600.000 долари во готовина и златни прачки од поранешниот началник на градот Јангон. Су Чи ги негира наводите и ги смета за апсурдни.
Судењето беше затворено за јавноста.
Добитничката на Нобеловата награда за мир, која ја водеше Мјанмар пет години пред да биде соборен со државен удар на почетокот на 2021 година, е обвинета за најмалку 18 прекршоци казниви со речиси 190 години затвор, пишува Ројтерс.
Засега не е познато дали таа ќе ја отслужи казната во затвор или ќе и биде дозволено да остане во домашен притвор.
Су Чи беше уапсена на 1 февруари минатата година, неколку часа пред војската да ги собори демократски избраните цивилни лидери во земјата и да го врати Мјанмар во воена управа.
Таа е на непозната локација од нејзиното апсење, каде што, како што изјави претходно шефот на воената хунта Мин Аунг Хлаинг, би можела да остане. Таа во декември и јануари беше осудена на вкупно шест години затвор за полесни прекршоци.
Мјанмар е во политички превирања по воениот удар, а војската се бори да ги спречи мирните улични протести и движењата на граѓанска непослушност, како и вооружениот отпор на милициите против хунтата низ целата земја, кои сакаат да ја соборат воената влада со сила.
Според Организацијата за човекови права, здружение за помош на политички затвореници кои документираат убиства и кршење на човековите права, најмалку 1.700 луѓе се убиени, а повеќе од 13.000 уапсени од државниот удар.