Израел лут поради Лавров: „Потребна е денацификација, но во Москва, а не во Киев“


Не стивнуваат жестоките реакции во Израел на скандалозната изјава на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој во едно неодамнешно интервју рече дека „Хитлер имал еврејска крв“ и дека „најжестоките антисемити обично се Евреи“.
Вчера на разговор беше поканет рускиот амбасадор во Израел, а Израел бара официјално извинување за изјавата на Сергеј Лавров. Рускиот министер за надворешни работи го изјави ова во обид да го оправда тврдењето на Русија дека Украина е „нацистичка“ и покрај фактот што има Евреин за претседател.
Изјавата на Сергеј Лавров предизвика низа остри коментари и осуди во израелските медиуми.
Јерусалим пост во анализата објави дека изјавата на Сергеј Лавров значи дека Израел не може повеќе да биде неутрален за војната во Украина. Плановите на Ерусалим „некако да остане над војната“ пропаднаа, се вели во коментарот.
Израелскиот весник „Хаарец“, пак, цитира коментар на Американскиот еврејски комитет, кој посочува дека „денасификацијата е навистина неопходна, но во Москва, не во Киев“.
„Рускиот министер за надворешни работи, еден од главните помошници на Путин, јасно кажа зошто. Неговата изјава е гротескна“, се вели во коментарот на Хаарец.
