Македонија

Денеска сум порадосен отколку денот кога добив томос за автономија на ПОА, порача Вранишковски

Не знам кога радоста ми беше поголема – кога го примав томосот за автономија за Православната охридска архиепископија од раката на патријархот Павле или денеска кога се воспоставува целосно литургиско општење со сите архиереи на МПЦ-ОА. Ако треба да одбирам би дал предност на денешната радост бидејќи денеска се воспостави целосно евхаристичко единство со нашите браќа со кои не бевме.

Вака рече Јован Вранишковски, поглавар на Православната охридска архиепископија (ПОА), во обраќањето на денешната заедничка литургија на СПЦ и МПЦ-ОА во храмот „Свети Сава“ во Белград.

Тој повика да им се оддаде признание и почит на архиереите од МПЦ-ОА на чело со архиепископот Стефан кои, како што рече, ги издржаа неразумните и противцрковните притисоци на јавноста во РСМ.

„Овој ден го создаде Господ за да се радуваме и веселиме во него. Единството на црквата не е дополнување на суштината на црквата, туку самата суштина на црквата. Не може да имаме две или повеќе цркви како што веруваат протестантите или две или повеќе литургии. Со денешната литургија се признаваат сите свети тајни и молитвословија кои се извршени во МПЦ-ОА за цело време додека таа не беше во единство со СПЦ, а преку неа и со сите православни цркви. Треба да се оддаде голема почит и признание на архиереите од МПЦ-ОА на чело со архиепископот Стефан кои ги издржаа неразумните и противцрковните притисоци на јавноста во РСМ“, рече Јован во обраќањето на српски јазик.

На почеток