Магазин

Македонката Ивона Василеска, првенец на катедра по нуклерна физика во Москва

Македонија има многу млади умови кои животот го посветуваат на науката, но за жал таму некаде „расфрлани“ по светот, пишува порталот Факултети.мк.

Таа е и соработник на ИТЕР, светска организација од Франција посветена на искористување на плазмата како нов вид енергија.
Ивона Василеска, родена во Прилеп, растена во Струга, а образована во Русија. Факултет и магистерски студии од областа на атомска и нуклеарна физика завршила во Москва, како првенец на генерација, а сега е на докторски студии во Словенија. Таа е и соработник на ИТЕР, светска организација од Франција посветена на искористување на плазмата како нов вид енергија.

Василеска во моментов е на докторски студии по нуклеарно инженерство во Словенија. Сега од лабораторски услови се префрлила на компјутерска симулација на плазмата, т.е. симулација на честиците при различни надворешни услови.

– Затоа и се запишав на нуклеарно инженерство на Факултетот за физика во Љубљана. Образованието во споредба со Русија е сосема различно, јас сум навикната на еден друг систем на работа и на почетокот ми беше доста чудно, но се вклопив во средината. Како студент на докторски студии во земја различна од Русија, заклучив дека искуството што го стекнав во лабораторија и образованието што го добив од руските професори ме прави респектирана за разлика од другите студенти што студирале на европските универзитети. Тој руски принцип на работа ме направи да се одвојувам од другите и затоа ме гледаат поинаку тука, во Словенија.

Оваа млада физичарка соработува и со ИТЕР, светска организација посветена на искористување на плазмата како нов вид енергија.
– ИТЕР е еден вид светска организација која се наоѓа во Франција и се залага за изградба на најголемиот токамак, кој претставува уред каде што плазмата се задржува со помош на магнетно поле со цел да се достигне услов за термојадрен синтез, сличен на оној што го достигнува Сонцето. Па затоа мотото на ИТЕР е: „Целата енергија од Сонцето нека биде и на Земјата“, со тоа што ќе се искористи за добивање електрична енергија многу поекономична од онаа што ја имаме денес. Соработката се случи кога почнав да работам на еден проект со нив заедно, па така и мојот докторат е поврзан со нив – вели таа.

Ивона одлично зборува руски и англиски јазик, а и словенечкиот брзо го совладала. Вели дека нема контакт со научниците од Македонија, но би сакала своето знаење да го искористи за подобрување на нашето образование.

Таа сега е сконцентрирана на докторатот, а не ја исклучува можноста понатаму да работи за ИТЕР или во некоја друга научна установа во светов.

– Можеби ќе се вратам во Македонија, никогаш не се знае, вели Василеска.

извор: Факултети.мк

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток