Македонија

г.г. Стефан треперејќи: Еве сега имаме и кој да ни нацрпи вода, ова е празник за сите Христијани

Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан се заблагодари на Српската православна црква и посочи: „Како да го разбереме ова денешно Собрание, ако не со настаните од воскресението. Имено, ова свештено Собрание каде во совршена заедница ни се нуди целиот и сам Христос, е и патот од Ерусалим до Емаус, е и горната одаја каде Христос преку Тома ни се нуди на сите нас, да се допреме до него и никогаш да не посакаме повторно да се оддалечиме или посомневаме колку е добар и совршен“.

„Бог ни даде ден во кој дочекавме да ја слушнеме одамна посакуваната и очекуваната вест. Затоа уште еднаш ваша свестост, Вам и членовите на Архиерскиот собор, Ви благодариме. Стоејќи трепетно во овој момент, овој свештен собор, во мене, оѕвонуваат зборовите: „Целата си убава и дамка нема на тебе“. Ја гледам токму убавината на црквата и длабоко ги разбирам зборовите на Апостолот на народите кој вели дека Христос е глава на телото односно на црквата, а ние сме членови на неговото тело. Затоа од длабочината на душата воскликнувам фалејќи го Бога за неговиот дар, за црквата, па велам: „Постојано те величаме тебе Христе, кој неискажливо ги соедини небесното и земното и ја создаде единствената црква на ангелите и луѓето“. Еве нам и денес ни се нуди таа несовршена заедница, која е чиста и долгорочна, чија чистота со ништо не се осквернува и со ништо не може да се одземе. Која е од едниот до другиот крај на Вселената“, кажа г.г. Стефан.

Тој посочи: „Овој историски период кој сите го минуваме е празник за сите Христијани во Македонија, без разлика на национално потекло, кои се внуци на оние кои сонуваа да ја видат обновена ОА, да ја видат афтокевална или се правнуци на сите оние кои некогаш живееле обединети под едниот омофор на охридскиот архепископ. Тие наши предци од небесната црква се радуваат заедно со нас, гледајќи ги нашата радост и нашето единство. Верувам дека деновиве конечно е радосен и Арсениј, последниот охридски архиепископ, а и архиепископот Доситеј и патријархот Герман и сите кои искрено сакаа да ја видат возобновена Охридската архепископија. Кога некој ја чита историјата на Охридската црква, се соочува со црква која не воспоставува граници, која ниту денес не ја користи самостојноста за да се изолира, туку да стане поблиска со другите, да биде тоа што се и другите, неоткинлив и суштински дел на една апостолска црква“.

„55 години седевме и чекајќи во тремот и ненаоаѓајќи некој да се погрижи за нас. Потоа ни пристапи друг човек, нашиот собрат и денешен сослужител, неговата светост српскиот Патријарх Порфириј. И еве сега имаме и кој да ни нацрпи вода. Сега и сите ќе видат колку е нашата нива плодна и дека посеаното стигнало за жетва. Сега целосно ги гледаме сите убавини на рајот бидејќи имаме со кого да ги споделиме, не тагуваме веќе како Адама, туку се радуваме како апостолите, на денот на педесетницата, опиени од слаткиот пијалак на заедницата и братската љубов. Само вака подготвени, можеме со радост да го чекаме и денот на духот свети, бидејќи љубовта кога се споделува таа се преумножува. Ние православните исповедаме дека црквата е Соборна, затоа што не се ограничува од никакво место, народ, време туму во себе ги содоржи оние кои правилно и вистински веруваат во сите места, народи. Црквата не е федерација од помесни цркви туку од секогаш била една и единствена, обединета од духот свет, како единствено цело на целото човешство. Нејзина цел е да го обедини човекот во себеси и да го освети“, додаде Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан.

На почеток