Свет

Татко на убиена ученичка во Тексас: Полицијата стоела пред училиште додека напаѓачот пукал

Убиецот од Тексас, 18-годишниот Салвадор Рамос, бил во училиштето Рид во Увалде еден час и за тоа време убил 19 ученици и двајца наставници, потврдија властите. Во нападот се повредени 17 лица.

Хавиер Казарес, чија ќерка Џеклин Казарес беше убиена во нападот, рече дека истрчал во училиштето кога слушнал за пукањето и пристигнал додека полицијата се уште била пред зградата. Неговата ќерка беше четвртоодделенец.

Идејата за влез во училиштето ја сподели со неколку случајни минувачи и рече дека треба да побрзаат бидејќи полицијата не работи како што треба, пишува Sky News.

„Можеше да се направи повеќе, тие беа неподготвени“, рече таткото.

Хуан Каранза, сведок кој живее спроти училиштето, рече дека минувачите им викале на полицајците да влезат во училиштето по почетокот на нападот. Но, полицајците не го направиле тоа. Каранза го видел напаѓачот како доаѓа пред училиштето со камион, со пушка во рака.

Стивен МекКро, директор на Одделот за јавна безбедност во Тексас, на прес-конференција изјави дека напаѓачот бил во училишните простории помеѓу 40 минути и еден час пред полицијата да влезе во училиштето и да го убие. Властите велат дека напаѓачот, кога влегол во училиштето, ја заклучил вратата од училницата и почнал да пука.

Извор запознаен со истрагата изјавил дека припадниците на полицијата имале проблеми со упадот во училницата, па член на училишниот персонал ја отворил вратата со клуч, пишува Sky News.

На почеток