Магазин

Папаз открива: Спремам големо модно шоу во Македонија, затоа Америка ќе мора да ме почека

Креативен, критичен, едноставен и со уникатен стил. Неговите безвременски креации ги носат македонските ѕвезди, а неговото име надалеку се слуша. Новата година само што започна, а модниот дизајнер Андреј Папаз Ѓоргиевски веќе работи на нова колекција, големи проекти и модно шоу кое ќе се памети. Дека се „крчка“ нешто големо, може да се забележи и од неговите одговори, а посебно во делот каде Папаз вели „Во моментов имам навистина значајни професионални ангажмани во Македонија, само вистински предизвик би ме одвлекол од тука. Америка ќе мора да ме почека“.

Во продолжение ви го пренесуваме целиот разговор со Андреј Папаз Ѓоргиевски.

„Скопје 1“: Дали во 2019 ќе видиме нов Андреј или пак нова колекција?
-Папаз: Промените од година во година се неизбежни. Андреј за оние приватно што го знаат ќе остане истиот, или уште подобар за оние кои заслужиле, а на професионален план ќе се случат големи проекти, можеби и најубавите до сега во мојата кариера. Нова официјална колекција ќе има, но тоа некако постојано го премолчувам поради тоа што спремам големо модно шоу.

„Скопје 1“: Кога ќе видиш лошо парче облека, што прво помислуваш?
-Папаз: Периодов се изнагледав лоша облека низ трговските центри, а во голема мера истата ја видов на новогодишните забави. И по толку време мене се уште не ми е јасно како може да се случуваат модни катастрофи, каде преовладува пренатрупаност и невкус. Така што, тука недостасуваат уште многу лекции за модно освестување, но пред тоа треба да се случат некои позначајни индивидуални промени.

„Скопје 1“: Деколте или ролка?
-Папаз: Зависи од тоа кој и како го носи. Девојка која носи деколте ненападно, на начин како да носи ролка, која не се обидува агресивно да ги презентира атрибутите, според мене е вистинскиот моден рецепт.

-„Скопје 1“: Дали би ја напуштил Македонија за да работиш во Америка?
-Папаз: Во моментов имам навистина значајни професионални ангажмани во Македонија, само вистински предизвик би ме одвлекол од тука. Америка ќе мора да ме почека.

„Скопје 1“: Што повеќе ти пречи, лоша храна или лоша облека?
-Папаз: Со добро квалитетно вино преминувам преку лоша храна, но не и преку лоша облека.

„Скопје 1“: Три работи што си ги направил во 2018 и се каеш за истите?
-Папаз: Првото нешто за кое се каам за минатата а ќе се каам и во Новата година е тоа што не си давам одмор и оддишка, тоа нешто и после толку долго време не знам да го доведам до ред. Второто нешто за што се каам е тоа што не знам да кажам „не” и „доста”, а трето веројатно и да нема, бидејќи 2018 навистина беше убава година.

„Скопје 1“: Ако ти се даде шанса, дали би направил промена во стилот на премиерот Заев и како треба да изгледа според тебе?
-Папаз: Политичарите и нивните најблиски кај нас се најголеми ѕвезди, соработката помеѓу нив и македонските дизајнери можеби и треба повеќе да се актуелизира. Бидејќи премиерот Заев веќе е докажан во успешните договори, сметам дека би имале одлична соработка, затоа што модерниот префинет изглед треба да биде дел од секој (европски) човек.

„Скопје 1“: Како не треба да се облекуваме во 2019 година?
-Папаз: Веројатно првиот совет би бил да го пронајдат индивидуалниот стил адаптиран на личниот буџет, без да си прават фарса по социјалните мрежи. Копирањто никогаш не било во мода.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток