МВР ќе го гони Ламбе за предизвикување општа опасност поради палењето на клубот


На 07.06.2022 од страна на полициски службеници од Одделението за криминалистичка полиција при СВР Битола e лишен од слобода Л.А.(34) од Битола.
„Имено, по преземени мерки и активности за откривање на сторителот и обезбедување докази во врска со случајот со пожарот на културен центар „Иван Михајлов“ во Битола, со наредба од Основен суд Битола, извршени се претреси на дом и други простории кои ги користи Л.А., на две локации во Битола, при што се пронајдени и одземени предмети поврзани со кривичното дело.
Лицето е приведено во полициска станица и при извршен службен разговор во целост го признало делото, а по документирање на случајот против него ќе биде поднесена кривична пријава по чл.288 ст.1 од Кривичниот законик“, вели МВР.
Според Кривичниот законик, на Ламбе му се заканува казна затвор.
„Тој што со пожар, поплава, експлозија, отров или отровен гас, јонизирачко зрачење, моторна сила, електрична или друга енергија или со друго општоопасно дејствие или средство ќе предизвика значителна опасност за животот или телото на луѓето или за имот од големи размери, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години“, стои во КЗ.
