Мицкоски го спасува партискиот имот
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека случајот Талир е поднесен незаконски со истечен рок за да се води воопшто постапка, но и дека е поднесен незаконито од неовластен тужител, Катица Јанева која сега е во затвор поради рекет и за истото Врховниот суд се има произнесено и има донесено одлука дека се незаконски.
– Истечен е рокот за да се води било каква постапка за овој предмет. Овој кривичен предмет на почетокот мора да напоменеме дека е поднесен незаконито од неовластен тужител, надвор од рокот од 18 месеци, од страна на сега осуденета со правосилна пресуда за рекет, поранешната СЈО Катица Јанева, односно обвинението е поднесено по истек на 16 месеци од овој рок. За ваквите процесни дејствија Врховниот суд веќе има заземено став дека истите се незаконити и практично водени од неовластен тужител, потенцираше Мицкоски.
Мицкоски посочи дека случајот Талир е ништо друго освен политички процес и дефокус на власта, а истото може да се забележи што пресудата беше напишана веднаш по завршните зборови, за кои воопшто немаше време да се слушнат или прочитаат стенограмите.
– Самата објава на оваа пресуда наликуваше на се освен на она што треба да биде, а тоа е процесно дејствие. Истата наликуваше на политички процес во режија на СДСМ, ДУИ, обвинителите и судиите. После завршните зборови, веднаш следниот ден, дури и не можеа да ги прочитаат стенограмите од завршните зборови, пресудата беше веќе напишана и следеше само да биде соопштена на јавноста, изјави Мицкоски.
Во насока на тоа дека е политички монтиран процес, посочи дека е и тоа што ВМРО-ДПМНЕ не е обвинет, односно не е странка во постапката, а со пресудата се одзема имотот на ВМРО-ДПМНЕ и притоа без можност да се слушнат аргументите на партијата.
– Со тоа се повредува уставно загарантираното право на сопственост, без да при тоа се сослуша претставникот на политичката партија согласно одредбите од законот за кривичната постапка. Дури и во 1949 кога политички се отсекувале глави на политички неистомисленици и со еден или два сведоци се испраќале на Голи Оток или затворите на поранешната држава имало можност да биде сослушано лицето и странката. Во случајот воопшто не бевме сослушани, немавме право да си го кажеме нашето мислење и аргументи, изјави Мицкоски.
Мицкосски потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ штом ја добие на писмено пресудата ќе достави жалба и ќе ги искористи сите механизми, па дури и ќе се разгледа опцијата за жалба пред Судот за човекови права во Стразбур.
– Ние ќе продолжиме со нашата борба уште помотивирани, и уште поконцентрирани. Единствениот начин за победа над сиромаштијата, стопирање на инфлацијата, економијата да ни оди напред е смена на оваа власт. Затоа што премногу е. Затоа го повикувам секој еден граѓанин да се спротивстави и да се бориме за смена на власта на СДСМ и ДУИ. Гласно да го кажеме незадоволството, нагласи Мицкоски.