Свет

Северна Кореја подготвена за нова нуклеарна проба

Се чини дека Северна Кореја ги проширува операциите на својата локација за нуклеарни тестирања и се подготвува да активира уште еден тунел за детонација. Ова денеска го соопшти истражувачки центар со седиште во САД, откако јужнокорејски и американски претставници најавија дека Пјонгјанг може да врши нуклеарна проба секој ден.

Подготвителни работи во подземниот тунел бр. 3, во постројката за нуклеарно тестирање Пунги-ри, очигледно се завршени и подготвени за можна нуклеарна проба, се вели во извештајот на Центарот за стратешки и меѓународни студии, цитирајќи комерцијални сателитски снимки, пренесува Ројтерс.

Северна Кореја извршила шест подземни нуклеарни проби на локацијата од 2006 до 2017 година, наведува британската агенција.

Од овој центар соопштија дека нивните аналитичари забележале нови градежни активности во тунелот бр. 4, во објект кој „силно сугерира напори за преквалификување за потенцијално идно тестирање“.

Двата тунела никогаш претходно не биле користени за нуклеарни тестови, а нивните влезови беа затворени во 2018 година, кога Северна Кореја усвои самопрогласен мораториум за тестирање на нуклеарно оружје и нејзините интерконтинентални балистички ракети (ICBM).

Пјонгјанг рече дека повеќе не е обврзан со мораториумот поради недостаток на реципрочни чекори од страна на Соединетите држави за време на разговорите за денуклеаризација, а Северна Кореја потоа продолжи со тестирање на ICBM подоцна оваа година.

Јужнокорејските власти соопштија во понеделникот дека Северна Кореја ги завршила подготовките за нова нуклеарна проба и дека само политичката одлука на највисокото раководство на Пјонгјанг во моментов може да го запре нејзиниот напредок.

По разговорите со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Вашингтон, јужнокорејската министерка за надворешни работи Парк Џин рече дека секоја провокација од Северна Кореја, вклучително и нуклеарната проба, ќе наиде на единствен и цврст одговор.

Тој ја повика Кина, која со години е главен сојузник на Северна Кореја, да го искористи своето влијание за да го одврати Пјонгјанг, наведува Ројтерс.

На почеток