Епидемиологот Ентони Фаучи позитивен на ковид
Ентони Фаучи, водечки американски епидемиолог и еден од клучните јавни функционери во кампањата за борба против пандемијата на корона вирусот, е позитивен на ковид-19
Фаучи, главниот здравствен советник на претседателот Џо Бајден, има благи симптоми, се вели во соопштението, додавајќи дека тој не бил во близок контакт со Бајден во последните денови, пренесува Ројтерс.
НИХ наведува дека 81-годишниот Фаучи бил целосно вакциниран и дека примил два бустера и ќе работи од дома.
Долгогодишниот директор на Националниот институт за алергии и заразни болести стана доверлива личност за време на пандемијата, кога беше член на работната група за борба против корона вирусот во времето на поранешниот претседател Доналд Трамп, пренесува Гласот на Америка.
Сепак, тој беше остро критикуван од Трамп и некои републиканци, откако предупреди да не се отвори американската економија премногу брзо, а беше осуден и од противниците на вакцините и задолжителното носење маски.