Јужна Кореја разговара со НАТО
Јужнокорејските власти соопштија дека планираат да формираат постојана делегација во НАТО во Брисел.
Тие тоа го соопштија во време кога Сеул е посветен на зајакнување на партнерството со алијансата и преземање поголема улога на глобалната сцена, пренесува Ројтерс.
Обраќајќи се на печатот за планираното присуство на претседателот Јун Сук-џеол на самитот на Атлантската алијанса овој месец во Мадрид, советникот за национална безбедност Ким Сунг-хан рече дека Сеул ќе се обиде да ги зајакне односите со членките на НАТО во услови на „непредвидлива“ меѓународна ситуација.
Тој прецизира дека, како дел од напорите, Јужна Кореја е во разговори со НАТО за размена на информации, комбинирани вежби и заедничко истражување со цел да се спротивстави на новите безбедносни закани, според Ројтерс.
Јун, кој ја презеде функцијата во мај, рече дека неговата главна надворешнополитичка цел е да ја направи Јужна Кореја „глобално важна држава“ со фокус на промовирање на слободата, мирот и просперитетот врз основа на нејзините либерално-демократски вредности.
Иако на самитот на НАТО во Мадрид од 29 до 30 јуни се очекува фокусот да е на украинската криза, Јун планира да започне со зајакнување на меѓународната соработка против севернокорејската нуклеарна програма, изјави претставник на безбедносните сили во Сеул.