Свет

Западот се подготвува за два клучни самити. Шефот на НАТО: Војната може да трае со години

На двата претстојни клучни самити, Г7 и НАТО, западните лидери ќе се обидат максимално да ги затворат редовите во однос на Москва, бидејќи војната во Украина, на која не и се гледа крајот, може да го загрози нивното единство.

Лидерите на големите сили, вклучувајќи го и американскиот претседател Џо Бајден, од неделата се состануваат во Баварските Алпи на годишниот собир на седумте најиндустриски развиени земји во светот (Г7).

Групата ја сочинуваат САД, Канада, Обединетото Кралство, Јапонија, Франција, Италија и Германија.

Продолжувањето на поддршката за Украина, четири месеци по почетокот на руската офанзива, ќе биде во центарот на средбата, како и на дводневниот самит на НАТО што почнува на 28 јуни во Мадрид.

Канцеларот Олаф Шолц, домаќин на самитот на Г7, оваа недела потсети дека поддршката за Украина ќе бара „истрајност“.

„Вистина е дека сè уште сме далеку од преговорите меѓу Украина и Русија, бидејќи Путин сè уште верува во можноста за диктиран мир“, рече Шолц, додавајќи дека затоа е уште поважно: „да останеме цврсто на вистинскиот пат, со санкции, финансиска поддршка. за Украина и координирана испорака на оружје.“

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг предупреди дека војната во Украина може да трае „со години“.

Штефан Мајстер од германскиот истражувачки институт ДГАП тврди дека руската агресија ги принудила членките на Г7 да сфатат дека си требаат една на друга бидејќи инфлацијата или заканата од енергетска и прехранбена криза, како резултат на војната, дополнително ќе го тестира отпорот на меѓународната заедница.

Се очекува лидерите да разговараат и за „Маршаловиот план“ за обнова на Украина, за кој се вели дека чини милијарди и опфаќа неколку генерации.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, преку видео врска ќе им се обрати на лидерите на Г7 и ќе побара повеќе оружје, а истото ќе го направи и на самитот на НАТО.

Конкретно, НАТО ќе претстави планови за заштита на своето источно крило, во непосредна близина на Русија.

На почеток