Канада распореди нови воени бродови во Балтичкото Море


Канада денеска распореди уште два воени брода во Балтичкото Море и Северниот Атлантик, кои се приклучија на пар фрегати кои веќе се во областа.
Планира да го зајакне источното крило на НАТО среде војната во Украина.
„Канадските бродови „Кингстон“ и „Самерсајд“ ќе бидат на четиримесечна мисија како дел од мерките за одвраќање во Централна и Источна Европа започнати во 2014 година, откако Москва го анектираше Крим“, се вели во соопштението на канадската морнарица, според лондонски Гардијан.
Во соопштението се наведува и дека до октомври канадските бродови ќе учествуваат во поморски вежби за отстранување мини и ќе одржуваат „висока борбена готовност“, што ќе им овозможи брзо и ефикасно да реагираат како поддршка на сите операции на НАТО.
Во мисијата се вклучени и околу 700 канадски војници распоредени во Летонија како дел од артилериските сили и воената служба за електронско војување, како и неколку борбени авиони на канадските воздухопловни сили.
