Актуелно

Зеленски: Украина сега извезува струја во ЕУ, тоа ќе ја намали зависноста од рускиот гас

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека почетокот на преносот на електрична енергија во Романија е почеток на процес кој може да и помогне на Европа да ја намали зависноста од руските јаглеводороди.

Коментарите на Зеленски во доцната ноќна видео порака во четвртокот уследија по најавата на премиерот Денис Шмихал дека извозот започнал претходно во текот на денот, во износ од 100 мегавати, четири месеци по почетокот на руската инвазија на Украина.

Зеленски оцени дека почетокот на извозот е „уште еден значаен чекор во нашето движење кон Европската унија“.

„Благодарение на украинската електрична енергија, значителен дел од рускиот гас што го користат европските потрошувачи може да се замени. Затоа, ова не е само прашање на профит од извозот за нас, туку прашање на безбедност за цела Европа“, тврди Зеленски.

Имено, во средината на март, Украина постигна договор за приклучување кон Европската мрежа на преносни системски оператори за електрична енергија (ENTSO-E) како набљудувач, откако нејзината мрежа беше поврзана со мрежата на ЕУ.

ENTSO-E неделава објави дека се завршени подготовките за првиот извоз од Украина, заедно со електрична енергија од Молдавија, почнувајќи од 30 јуни, користејќи интерконекција со Романија.

Наскоро ќе следи и тргување со електрична енергија на други интерконекции меѓу Украина и Словачка, Украина и Унгарија, како и меѓу Молдавија и Романија. Во првата фаза капацитетот со кој ќе се тргува ќе биде поставен на 100 мегавати, беше речено.

Во претходното соопштение, премиерот Шмихал рече дека извозниот потенцијал на Украина во Европа достигнува 2,5 гигавати.

На почеток