Свет

Седум лица загинаа во лавина на Алпите – невремето создаде нови проблеми

Денешното невреме ја отежна потрагата по повеќе од дузина планинари исчезнати откако огромно парче глечер се откина на италијанските Алпи.

Огромно парче од глечерот предизвика смртоносна лавина од снег и камења во која според досегашните информации загинаа седум лица.

„Се надевам дека бројот на жртвите ќе престане тука“, изјави гувернерот на провинцијата Венето, Лука Заја, пренесе Ројтерс.

Друг регионален лидер, Маурицио Фугати, рече дека досега се исчезнати вкупно 14: 10 Италијанци, тројца чешки државјани и едно лице од Австрија.

„Семејствата не контактираа бидејќи овие луѓе не се вратија дома“, рече Фугати и потврди дека на паркингот има уште четири автомобили чии патници не се пронајдени – две со чешки регистарски таблички, едно возило од Германија и едно од Унгарија.

Според претходните информации, преживеаните планинари се здобиле со повреди на градниот кош и черепот.

Спасувачите рекоа дека условите низводно од глечерот, кој се топи со децении, сè уште се премногу нестабилни за да испратат спасувачи со обучени кучиња трагачи таму.

Што предизвикало отцепување на врвот на глечерот сè уште не е познато, но топлотниот бран што ја зафати Италија од мај донесе невообичаено високи температури за почетокот на летото, дури и на секогаш студените Алпи.

На почеток