Протести во Црна Гора: „Договорот со СПЦ очигледно има за цел да создаде држава во држава“
Пред зградата на Владата на Црна Гора синоќа повторно се одржа протест поради најавата на премиерот Дритан Абазовиќ дека владата во четврток ќе го прогласи Основниот договор со СПЦ.
Учесниците на протестот, меѓу другото, порачаа дека ваквиот текст на Основниот договор е штетен за сите граѓани на Црна Гора и ја повикаа владата „конечно да ја даде европската иднина наместо митоманија“, пренесува ЦДМ.
Милош Ѓуричковиќ, член на организацискиот одбор на протестот, рече дека „има индиции дека следната недела ќе се гласа за капитулантско дело“.
Портпаролот на Либералната партија Амар Боранчиќ изјави дека сметаат дека „со рушење на владата на Здравко Кривокапиќ ја вратиле Црна Гора во рамките на граѓанска и европска Црна Гора“.
„Договорот со Српската црква очигледно има за цел да создаде држава во држава. Доколку владата не се откаже, прашање е колку долго ќе трае“, рече Боранчиќ.
Граѓанскиот активист Александар Зековиќ рече дека овој текст на „т.н. основен договор“ е штетен за сите граѓани и ги повика Албанците да им се придружат во борбата, додава РТЦГ.
Организаторите го најавија собирот во пресрет на владината седница.
На протестот, меѓу другите, присуствуваа и пратеникот на Социјалдемократската партија (СДП) Драгиња Вуксановиќ Станковиќ и портпаролот на Социјалдемократите (СД) Никола Зиројевиќ.