Скопје

Хакери го избришаа писмото од Јане Ченто до неговиот син, но подржувачите повторно го постираа

„Хакерите работат, писмото од Јане Ченто до неговиот син Методиј Ченто кое го објавивме овде достигна преку 2.500 лајкови и преку 100.000 прегледи но некој го избришал. Сепак за да остане запомнето ќе го објавиме повторно“, напишаа на отворената група на социјалната мрежа фејсбук „Слобода за Јане Ченто“.

Во продолжение писмото на Јане Ченто до неговот син

Мил мој сине Методиј,

Втора година како ќе ја дочекаш без твојот татко да биде покрај тебе и да се радува на дочек на новата година.

Сега си мал и нема да можеш да го сфатиш сето ова што ми се случува мене и на нашата фамилија, но кога ќе пораснеш ќе сфатиш која жртва ја дал твојот татко, а то е за да го зачува достоинството и честа на нашата фамилија.

Знам дека и ти и јас имаме голема празнина поради тоа што долго време не сме еден покрај друг, и премногу ми недостасуваш, но цената која треба да ја платам за нашето име и презиме е таа што ми се случува овие изминати 13-14 месеци.

Ти ќе растеш со високо дигната глава дека твојот татко се борел за Македонија во судбоносни моменти и дека не попуштил пред никого и по цена да бидеме разделени.

Кога ќе пораснеш ќе сфатиш што всушност значи оваа цена, на улица твоите другари нема да викаат дека потекнуваш од фамилија на кодоши, туку од фамилија на чесни и достоинствени предци, бидејќи нас во крвта ни тече тоа, да се бориме за правда.

Знам дека ти недостасувам многу и ти мене и знам дека никогаш нема да го вратам времето и да гледам како мојот син расте без својот татко, но тука е твојата мајка која ќе те воспита како што треба, да бидеш чесен, достоинствен и праведлив.

Не знам уште колку време ќе не држат разделени, но запомни дека татко ти еден ден ќе се врати дома со високо крената глава.

Идеалите по кои оделе нашите предци барале жртви.

Таа жртва што ја давам денес јас е за твое и твоите врсници подобро утро, борба во која ќе докажам дека вреди да се бориш за вредности и правда, а не да бидеш кукавица и да го избереш полесниот пат и да направиш предавство.

Сега тоа го нема, но нека ние бидеме последните жртви кои ќе ја платат цената за оваа држава кој е стекната со многу крв и труд на нашите претци.

Ти носиш славно име и презиме, дадено ти е по твојот прапрадедо Методија Андонов Ченто и секогаш ќе бидеш горд што сум те крстил Методиј Ченто во тоа сум уверен.

Многу луѓе сакаат да ја запрат директната крвна линија на Ченто, бидејќи сеуште им е страв од македонскиот народ кој го воскресна Ченто и неговата идеологија.

Тој беше невино осуден и одлежа долго време во затвор но правдата стигна еден ден и беше рехабилитиран и ослободен од сите обвиненија.
После толку време таа среќа или несреќа дојде на мои плеќи, да го понесам товарот на тоа, за мене свето презиме и таа света борба за Македонија.

Јас застанав на браникот на татковината кога беше потребно, но исто како и на Ченто ми е конструирано обвинение за тероризам.
Еден ден, без разлика како ќе заврши овој судски процес ти ветувам дека ќе се вратам и ќе го надополниме изгубеното време и сета љубов што требаше да ти ја дадам како татко додека беше мал а јас не бев покрај тебе.

Едниствено сум среќен во овие тешки моменти што знам дека твојата мајка е херој и ќе те одведе на вистинскиот пат бидејќи знам дека ќе те гледа како зеница во окото и дека ќе те воспита со сите морални вредности.

Извини што сега не можам да бидам покрај тебе ни на слава, прослави, нова година, родендени и слично, но…..
еден ден сине, еден ден ќе бидам покрај тебе.

Среќна нова 2019 година мил мој синко и се надевам дека за брзо ќе бидам покрај тебе и да бидеш јунак голем кога ќе пораснеш, бидејќи ти си Ченто, а Чентовци не клечат на колена и да молат, туку се борат за своите правдини.

Те сака твојот татко
Јане Ченто
30.12.2018

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток