Коментари

Шест прашања на кои треба да се одговори за францускиот предлог: Зошто се брза?

Собранието ќе го расправа францускиот предлог… Македонецот Алексеј Демјански има шест прашања пред седницата на Собранието. Засега нема одговори

Ви ги пренесуваме во целост:

1. Дали премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи Османи, и министерот за европски прашања Маричиќ ќе бидат присутни да одговараат на прашањата на пратениците? Ако не на оваа седница – дали ќе има таква можност? Ако да, кога? Ако не, зошто не? Собранието има надзорна улога во врска со работата на владата.

2. „Францускиот предлог“ е составен од 4 документи – (1) општ став на ЕУ (министерски состанок на меѓувладината конференција за завршување на отворањето на преговорите за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија); (2) предлог заклучоци на ЕУ; (3) заеднички став на ЕУ; (4) билатералниот протокол со Бугарија. Само 3 од 4 документи се ставени пред јавноста и пратениците. Како ќе дебатираат со 75% од она што е потребно? Ако протоколот, како што информира министерот за надворешни работи Османи, ќе биде објавен кога ќе се потпише – зошто сега има расправа за предлогот? Зошто да не го објави протоколот па потоа со целосна информација да се дебатира?

3. Македонското собрание усвои резолуција со 95 гласа од 120 за одредување на црвените линии во разговорите со Бугарија. Дали ќе се дискутира за тоа дали владата се држи до тие линии / дали предлогот е во рамки на тие црвени линии? Дали се уште важи таа резолуција?

4. Во Брисел премиерот Ковачевски изјави дека „Преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени… Цврсти гаранции и од Бугарија и од Европската Унија дека Бугарија нема да условува со нови барања, надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол кој сѐ уште не е усогласен со Бугарија.“ Предлогот предвидува дека преговорите ќе почнат по, а не пред, уставните измени. Зошто е ова прифатливо сега? Дали владата има гласови да го смени уставот? Ако не, како ќе ги добие? Дали владата добила гаранции од ЕУ и Бугарија дека нема да има повеќе услови од бугарската страна? Каде е тоа гарантирано во документите?

5. Член 47 и 48 од општиот став на ЕУ предвидува дека „Комисијата ќе посвети посебно внимание на заложбите на Северна Македонија за добрососедски односи и регионална соработка како што е наведено во став 5 и ќе ја информира Меѓувладината конференција за нивното спроведување. Советот ќе ја земе предвид оваа проценка при одлучување за понатамошни чекори во врска со преговорите за соодветното поглавје или кластер.“ Дали владата има план или стратегија, што може да се презентира пред Собранието и граѓаните, за тоа како ќе наоѓа усогласување со Бугарија во однос на разни теми поврзани со билатералните прашања/Договорот за добрососедство (учебници, говор на омраза, итн.)? Како ќе се информира Советот за напредок на овие теми кои се дел од пристапниот процес

6. Зошто е ова последна шанса за отворање преговори со ЕУ? Последните скоро 20 години на секој 6 месеци се дига галама дал ќе почнат преговорите или не и скоро 20 години одговорот е „не.“ Што ќе се случи ако овој пат ние кажеме не и процесот продолжува како до сега? Знае владата нешто што ние не знаеме? Дека ЕУ ќе ни затвори врата? Дека ќе дигне раце од нејзина стратешка цел? Зошто се брза?

Конкретен одговор на овие прашања до сега немам видено од владата, а за мене се потребни за како граѓанин да можам да донесам став околу предлогот. Пратениците се на ред да се обидат да ги обелоденат одговорите пред граѓаните. Дали тоа ќе се случи е друго прашање…

На почеток