Свет

САД ќе продолжат да обезбедуваат разузнавачки информации за Украина

САД ќе продолжат да обезбедуваат разузнавачки информации за Украина по неодамнешните кадровски промени во потесниот круг на украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопшти денеска Стејт департментот, пренесе Ројтерс.

Зеленски во неделата ги разреши шефот на Службата за државна безбедност Иван Баканов и државната обвинителка Ирина Венедиктова поради, како што наведе, многубројните случаи на соработка на вработени во нивните служби со Русија.

Наредбите за разрешување на Баканов, пријателот од детството на Зеленски и Венедиктова, која е задолжена за гонење на наводните руски воени злосторства во Украина, беа објавени синоќа на официјалната веб-страница на претседателот.

Во посебна објава на платформата Телеграм, Зеленски изјави дека повеќе од 60 службеници од обвинителството и Службата за државна безбедност работат против Украина на териториите окупирани од Русија.

Тој додаде дека во службите на чело со Баканов и Венедиктова се регистрирани 651 случај на предавство и соработка со непријателот.

На почеток