На Бадник, во пресрет на големиот христијански празник Божиќ, денеска домот на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, го посетија децата од Центарот за едукација на македонски фолклор „МИТЕВИ” од Скопје, кои ја донесоа Божиќната литија и со песната „Вечниот Бог” го најавија Христовото раѓање
Сопругата на македонскиот претседател, г-ѓа Маја Иванова, од името на семејството Иванови на сите православни христијани им посака да имаат благословена, тивка и света бадникова вечер.
„Една голема мудрост вели дека секој од нас има лице од кое што треба да дава насмевки. Има усна од која што треба да изговори добри зборови, да прави добри дела и очи да ги види добрите работи кај луѓето околу нас. Или, како што рекол Св. Климент, веќе не само за овие празници, туку и секој ден треба да шириме насмевки, да кажуваме добри зборови, да правиме добри дела. Да се натпреваруваме во добрина” истакна г-ѓа Иванова и додаде дека честитајќи го Божиќ посакува Христовата светлина да влезе во секој христијански дом и да го осветлува патот на слогата, на радоста, на љубовта и на успесите.
Сопругата на претседател на Република Македонија, г-ѓа Иванова, изјави дека семејните вредности и традиции и оваа година традиционално ги отвориле вратите на нивниот дом.
„Среќа, радост, песна, насмевки од нашите денешни гости, денешните бадникари, кои со песната „Вечниот бог” ни го навестија Христовото раѓање, ни го навестија раѓањето на Богомладенецот”, рече г-ѓа Маја Иванова.
Децата учесници во бадникарските поворки ја пеат песната „Вечниот Бог” и носат пригодно изработени пештери на кои е претставено Рождеството Христово и ѕвезди што ја симболизираат ѕвездата која ги водела тројцата мудреци до местото каде што бил роден Исус. Со божиќната каланда (песна) „Вечниот Бог” се објавува доаѓањето на Спасителот во тело. Песната е древна, води корени уште од некогашното Римско царство, што културолошки продолжи да живее кај православните народи кои се негово духовно и цивилизациско наследство. Иницијативата за возобновувањето на старата православна традиција да се слави Бадник со пеење на „Вечниот Бог” потекна од свештенството на МПЦ-ОА. Според Црквата, радува будењето на оваа стара православна традиција, која од година во година зафаќа се поголем број градови и повторно навлегува во нашето секојдневие.