Актуелно

Која е единствената гранка на економијата во Украина која не беше уништена од војната

Украинските технолошки компании заработија милијарди и тоа е единствената гранка на економијата во Украина која не беше уништена од војната.

И покрај војната, украинскиот технолошки сектор напредува, ретка оптимистичка вест зa земја во тешка економска ситуација.

Со прекини во синџирот на снабдување, блокади на пристаништа, па дури и кражби, Русија ја задуши индустријата за жито и трговијата со метали, најголемиот извоз на Украина, пренесува Вечерњи лист. Економијата се очекува да се намали за огромни 30 отсто оваа година, вели Европската банка за обнова и развој, што ќе помогне да се поттикне глобалната инфлација и да се засилат стравувањата од рецесија и губење на работни места.

Сепак, 200.000 компјутерски инженери и ИТ специјалисти, професионалци на кои им треба само компјутер и интернет конекција, главно не се плашат да ја загубат работата, пишува Њујорк Тајмс.

Податоците на Народната банка на Украина покажуваат дека во првите пет месеци од оваа година, технолошките фирми заработиле 3,1 милијарди долари приход од илјадници клиенти, што е повеќе од 2,5 милијарди долари една година порано.

Единствениот проблем е што ИТ професионалците не можат да патуваат и да ги гледаат своите клиенти лице в лице бидејќи на сите Украинци на возраст меѓу 18 и 60 години им е забрането да ја напуштат земјата. Поради ова стравуваат дека би можеле да почнат да ја губат работата.

“Имате само краток период на емпатија на клиентите. Има одреден период на емпатија, а потоа ќе помине. Во тој момент, прашањето е: Дали можете да го испорачате производот или не?”, рече Јуриј Адамчук, директор на една компанија со седиште во Лавов.

Во средината на мај, група технолошки компании се состанаа со Јулија Свириденко, министерката за економски развој и трговија, за да побараат ослободување што ќе им овозможи на деловните лидери да излезат и повторно да влезат во земјата. Иако звучеше дека ќе прифати, сепак чекаат одговор.

Постојат околу 5.000 технолошки фирми во Украина кои работат со онлајн трговија, развој на игри и апликации, софтвер за криптовалути и веб-надградби. Технолошките компании задржаа 95 отсто од своите договори, откри Асоцијацијата ИТ Украина.

На почеток