Актуелно

„Еден ден ќе бидете на моето место во затвор“; Кој алармираше за Русковска минатата година

Обвинителката Вилма Русковска не е првпат на тапет кога во прашање се обвинувања. И претходно за неа се пишувало и кажувало дека правела злоупотреби. Но ова е првпат и надредените да се свртат против неа. Освен републичкиот обвинител Љубомир Јовески кој констатираше незаконски претрес, против Русковска се свртеа и колегите од здружението на обвинители. Шефот на Финансовата полиција, Арафат Муареми најави кривична, што би значело одговорност од шефицата на Обвинителството за организиран криминал.

Не така одамна, на крајот од декември минатата година, скоро со ист тон и дупло повеќе слични обвинувања како и денешните, се обрати и Бојан Јовановски-Боки 13. Отвореното писмо доби на публицитет, но надредените на Русковска беа заспани. На социјалните мрежи, за ова обраќање на Боки 13 сега велат: „Човеков и ја предвидел иднината“, бидејќи тој и порача „Вилмич, добар сум, во затвор сум, ќе Ве гонам со цело срце сам и еден ден ќе бидете на мое место, во затвор“.

Тој тогаш спомена и дека Вилма Русковска обвинувала луѓе за упадот на 27 април од ракав, па го добила шефовското место. Ѝ порача и дека ќе се видат на суд.

Интересно е што Боки 13 во тоа време алармираше дека пријавител на случајот „Рекет“ е пријател на Русковска. Тоа би значело дека таа треба да се изземе и никако не смее да го води случајот поради конфликт на интереси. Тоа би значело дека овој предмет во најмала рака треба да се врати на повторно судење, поради можна пристрасност на обвинителката, а со оглед дека можеби пријавителот бил привилигиран. Ако се постапува вака, тогаш тоа може да значи и злоупотреба на службената положба и овластување.

„Инаку “Вилмич” (нели така сум ви се обраќал) јас сум добро, во затвор сум, се држам и ако даде Господ, ќе дојдете и Вие еден светол ден, па ќе си ги замениме местата!!! Инаку да, за брзо, ќе се видиме на суд за клеветите кои ми ги нанесовте во емисијата на Ефтов, сам ќе ве тужам без адвокат, чисто да знаете, бидејќи нема да се извините јавно согласно Закон, ќе ве гонам со цело срце сам!!!“, и порача Боки 13 во декември 2021 година.

Боки 13 во истиот период, споменуваше и многу детали за случајот „27 април“. Кажа дека во неговиот одземен телефон за тоа има и пораки. Тој вели: „Кога одговарате на прашањето за случајот 27ми Април и повеќе од јасно кажавте дека сте ги обвиниле луѓето од ракав, а јас и лично тоа многу добро го знам! Точно знам како го работевте предметот 27ми Април за кој предмет добивте награда шефовско место во обвинителството, ЖАЛНО! Елем, сега одиме конкретно, јасно и многу гласно!!!“

Предметот 27 април се споменува и во објавената снимка каде се слуша женски глас, а се кажува за заборавен во притвор, односно за Владимир Атанасовски. Русковска не е сигурна дека гласот е нејзин. Во снимката жената се смее откако кажува дека два месеци го заборавила Атанасовски во притвор.

„Не го држев, два месеца го заборавив, го заборавив буквално… го заборавив намерно. Владимир Атанасовски го ставив во притвор и го заборавив два месеца, ха, ха“.

По овие пишувања имаше и кривични пријави, каде меѓу другите се споменува и Русковска. По нив никогаш немаше никаков епилог.

За Русковска, досега има постапувано и Советот за етика при Републичкото јавно обвинителство. Имало пријава за неа за оддавање на службена тајна и постапување спротивно на прописите по дадено интервју во јавност каде кажувала делови од изјави на сведоци за случајот „Дурмо турс“. Епилогот бил затворање без одговорност.

Сега Јовески треба да постапи и да поднесе предлог за поведување на дисциплинска постапка до Дисциплинската комисија. Неизвесно е дали ќе го стори тоа. Доколку се случи тоа, може да дојде и до нејзина супспензија.

Воедно, по кривичната пријава од Арафат Муареми постапува скопското обвинителство. Со него раководи Гаврил Бубевски, против кого Русковска води предистражна постапка. Сега, тој ќе треба да го распредели предметот и да ја гони неа.

На почеток