Актуелно

Евакуација поради бомба од Втората светска војна

Топлотните бранови што ја зафатија Европа не само што предизвикаа рекордно високи температури и изгорени полиња, туку доведоа и до намалување на нивото на водата во реките.

Нивото на водата на италијанската река По е толку ниско што е откриена бомба од Втората светска војна.

Воени експерти денеска деактивираа и извршија контролирана експлозија на бомба тешка 450 килограми, која беше откриена на 25 јули во близина на селото Борго Вирџилио, во близина на Мантуа, пренесува Ројтерс.

„Бомбата ја пронашле рибари на брегот на реката По поради нискиот водостој предизвикан од сушата“, изјави полковник Марко Наси.

Околу 3.000 луѓе кои живеат во близина се евакуирани поради деактивирање на бомбата, соопшти армијата. Затворен е воздушниот простор над тоа подрачје, а во прекин е и пловидбата на тој дел од реката, како и железничкиот и патниот сообраќај во околината.

Минатиот месец Италија прогласи вонредна состојба за областите околу реката По, најдолгата река во земјата. Таа обезбедува околу една третина од земјоделското производство на Италија и е погодена од најтешката суша во последните 70 години.

На почеток