Свет

Гутереш ги повика нуклеарните сили да се обврзат дека нема да користат нуклеарно оружје

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш денеска ги повика нуклеарните сили да се обврзат дека нема да користат нуклеарно оружје.

Тој предупреди дека ризикот од нуклеарен конфликт се вратил по децении.

„Ова е моментот да ги повикаме нуклеарните сили да се обврзат дека нема да бидат првите што ќе го користат тоа оружје и дека нема да им се закануваат на ненуклеарните земји“, рече Гутереш, кој присуствуваше на комеморацијата во саботата по повод одбележувањето на 77-годишнина од американскиот нуклеарен напад врз Хирошима.

На прес-конференција во Токио, генералниот секретар на ОН изрази уверување дека никој не може да ја прифати идејата дека може да дојде до нуклеарна војна и посочи дека тоа би значело уништување на планетата.

„Она што е јасно е фактот дека ако никој прв не користи нуклеарно оружје, тогаш нема да има нуклеарна војна“, рече Гутереш, пренесува АП.

Во врска со извештајот за гранатирањето на нуклеарната централа Запорожје во Украина, тој оцени дека секој напад врз нуклеарната централа е самоубиствен.

Тој додаде дека целосно ги поддржува напорите на Меѓународната агенција за атомска енергија да добие пристап до нуклеарната централа и да ја стабилизира, наведува Ројтерс.

На почеток