САД: Прашањето е дали Палестина ќе добие своја држава доколку стане членка на Обединетите Нации
Советот за безбедност на ОН се очекува утре да гласа за палестинското барање за полноправно членство во ОН и тој потег нема да доведе до решение на израелско-палестинскиот конфликт со две држави, изјави денеска американскиот претставник во ОН. Американската амбасадорка во Обединетите нации Линда Томас-Гринфилд денеска изјави дека не гледа како резолуцијата на ОН со која се препорачува Палестина да стане полноправна членка на ОН ќе доведе до решение со две држави за израелско-палестинскиот конфликт.
Томас-Гринфилд ова го коментираше на прес-конференција во Сеул, на прашањето дали САД се подготвени да го признаат барањето на палестинската управа за полноправно членство во ОН. „Не гледаме дека усвојувањето на резолуција на Советот за безбедност нужно ќе доведе до решение со две држави што ќе функционира и ќе напредува“, рече Томас-Гринфилд.
Таа рече дека американскиот претседател Џо Бајден категорично рекол дека Вашингтон го поддржува решението за две држави и работи на негово спроведување што е можно поскоро. Се очекува палестинската управа да го поттикне 15-члениот Совет за безбедност да гласа уште утре за нацрт-резолуцијата со која се препорачува да стане полноправна членка на светската организација, велат дипломатите.
Алжир, член на Советот за безбедност, синоќа го испрати нацрт-текстот. Комитетот на Советот за безбедност на ОН што го разгледа барањето „не можеше да даде едногласна препорака“ за тоа дали ги исполнува критериумите, се вели во извештајот на комитетот.
Барањето за полноправно членство мора да биде одобрено од Советот за безбедност, каде што САД имаат право на вето, а потоа од најмалку две третини од 193-членото Генерално собрание. Не е постигнато многу во постигнувањето на палестинската државност од потпишувањето на Договорот од Осло меѓу Израел и палестинската управа во раните 1990-ти.